ПФМ тврди дека Поп Ацев резултатски потфрлил, АМС бара аргументи за одлуката да не учествува на ЕП во Глазгов – ММС
ММС

Објавено на: 08/9/18 2:14 PM

ПФМ тврди дека Поп Ацев резултатски потфрлил, АМС бара аргументи за одлуката да не учествува на ЕП во Глазгов

Единствениот македонски претставник кој требаше да плива на Европското првенство во Глазгов, Евгениј Поп Ацев сепак нема да учествува на овој настан. Денеска на својот профил на Фејсбук тој објави дека бил како што тврди, излажан од Пливачката федерација на Македонија, од каде добивал информации дека се’ е во ред со неговиот настап во Шкотска.

Може да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе пола спакувана торба видов на стартната листа (пред само два дена) дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ (нема ни да се осмелам да го објаснувам зашто е патетично и понижувачко ) и сосема спротивно од ЛЕН која вели дека мојата Федерација не пратила пријава воопшто. За тие кои ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека за моите разочараност огорченост и болка нема зборови да се опишат. Уште поболно е дека луѓето одговорни за оваа ситуација се натпреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот на ова Првенство и колку можев да постигнам. Мислам дека тешко ќе му биде на секој нормален човек да си објасни зашто ова ми го направија и до последен момент ме лажеа, но ако некој знае слободно нека пише во коментар или нека ми се јави. Сметам дека ниеден спортист не заслужува и не треба да го доживее ова и затоа решив јавно да го споделам – порача Поп Ацев.

Од Федерацијата пак, попладнево ги отфрлија обвинувањата. Во соопштение испратено до медиумите тврдат дека на крајот на април имало прелиминарна пријава за тројца пливачи и две официјални лица, но не добиле потврда за да испратат финална листа на учесници, имајќи предвид дека од 7-ми јуни до 31-ви јули годинава ПМФ немала право да користи сметки, печат, службен е-маил кој бил замрзнат поради чекање на конечна одлука од второстепена комисија по жалба за тоа – кој е легитимен претседател и раководство на ПФМ.

Во врска со спортски резултат во период јануари – јули 2018г. Евгениј ги имаше на дланка сите удобности добиени од ПФМ и МОК како врвен спортист. Но за жал резултатски комплетно потфрли на официјални дисциплини 10км и 25км. (еднаш пливаше и се откажа од трка во Франција Опен) на FINA и LEN натпревари. ПФМ не е јавашлук, желботека или најевтината туристичка агенција за бесплатни тури ширум светот. ПФМ со ова раководство воспостави нормативи и критериуми кои важат за сите се со цел континуиран спортски резултат и вложување во млади таленти 12 – 16г. од кои се очекува врвни спортски резултати од денес па се’ до 2028г. Девизата „Мора да се учествува, вие не знаете кој сум јас иако немам никаков резултат и ме нема на FINA и LEN официјална ранг листа“ заврши – додаваат од ПФМ во соопштението.

Според Федерацијата, биле направени и дополнителни напори за учество на Поп Ацев на Европското првенство.

„Македонија мора да расчисти со лажни слики на величини создавани во последната декада, ако сака да има врвен спортски резултат во пливање и секој Олимписки спорт! А за оставка на раководството, кои некои исфрустрирани личности ја посакуваат, само за да продолжи бесплатната фамилијарна обиколка по светот и во хаосот да продолжи да ги користи сите удобности од државните институции, ПФМ, МОК со поддршка на одредени медиуми и спортско неинформирани новинари нема да добијат. Оставка ќе поднесеме секој момент, кога до нас со факти и докази ќе пристапат сите талентирани пливачи, нивните тренери дека барем една запирка од зацртаната програма усвоена од АМС (до ден денешен нема префрлено денар за истата), и МОК не сме ја исполниле – се вели во завршниот дел од соопштението.

Во врска со овој случај реагираше и Агенцијата за млади и спорт.

Оттаму ги повикаа сите инволвирани кои што одлучиле Поп Ацев да не учествува на ЕП во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност. Посочувајќи дека Поп Ацев е еден од најуспешните македонски спортист, АМС изразува поддршка за пливачот.