Во јули и август да нема одмор за пратениците и министрите, предлага Демократскиот сојуз – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/21 6:03 PM

Во јули и август да нема одмор за пратениците и министрите, предлага Демократскиот сојуз

Демократскиот сојуз предлага пратениците и министрите во текот на јули и август, наместо да одат на одмор, да работат. Од партијата велат дека летниот период треба да се искористи за подготовка и носење на закони за непречена работа на компаниите, подготовки за враќање на учениците и студентите на училиште и спроведување реформи неопходни за имплементација на стандардите на ЕУ.

– Летниот период треба да се искористи и за изградба на заокружен и ефикасен систем за борба против тешките облици на криминал и високата корупција, борба против урбаната мафија и мафијата која и натаму остварува високи профити со продажба на канцерогени нафтени деривати, како и депонирање на опасен отпад. Мора да продолжат реформите во судскиот систем,како и донесување на посебна програма за департизација на службите за безбедност и администрацијата. Периодот  да се искористи и за подготовка на Платформа за на поефикасен начин да се справиме со пандемијата,да се спроведе имунизација на населението и реорганизира здравствениот систем во насока на негова подготвеност за дејствување во услови на кризна состојба, велат од Демократскиот сојуз.

Од таму потенцираат дека поради пандемијата на коронавирус многу реформи доцнат и сметаат дека само со дополнителни напори и работа можеме да опстоиме на патот кон Европската унија и да  создадеме  подобри услови за работа и подобар живот за сите граѓани.