Кавадарчанецот Илиев го заврши својот 94-ти маратон, го преплива езерото Калиманци – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/21 5:11 PM

Кавадарчанецот Илиев го заврши својот 94-ти маратон, го преплива езерото Калиманци

Докторот по спортска медицина, Бошко Илиев од Кавадарци, кој е познат по тоа што ги препливал најголем дел од македонските природни и вештачки езера, денеска си зададе предизвик да го преплива Калиманско Езеро.

Овој маратон како што истакна Илиев му е 94-ти по ред и е 23-ти настан на 14-то езеро во Македонија. Негова цел вели е да ги исплива сите природни и вештачки акумулации во државата.

-Има прекрасни убавини секаде го гледам тоа, езерата се наше богатство, секаде го гледам тоа и во Берово и на Мантово и на Стрежево. Јас со моето пливање сакам да дадам еден поттик за младите да го користат како еден од најздравите спортови, повеќе да спортуваат и да рекреираат и да бидат подалеку од пороците. Се надевам дека покрај сите тешкотии ќе продолжам и понатаму. Ми останаа негде уште 5-6 езера, така што се надевам дека во наредните години ќе го направам тоа, рече Илиев.

На стартот од каде го започна својот нов подвиг, Илиев истакна дека за реализација на замисленото ќе му бидат потребни нешто повеќе од три часа.

-Благодарност до општината и организаторите Горан С. и Даме С, кои со целата логистика ми помогнаа да го реализирам овој потфат. Ќе пливам околу три и пол часа, а должината е негде седум километри. Ќе биде тешко и жешко, но навикнат сум на секакви услови, рече Илиевски.

На почетокот од патеката присуствуваа градоначалничката на општина Македонска Каменица и пратеничката Соња Михаиловска, кои изразија задоволство што токму Калиманското Езеро се најде на мапата на Бошко Илиевски. Со тоа, како што додадоа дополнително се промовираат убавините на Македонска Каменица и се поттикнува туризмот во регионот.