(Видео) Подобро да ме удри граната отколку да ми пукне боца со кислород – Зошто нуркањето е еден од најскапите и најегзотичните спортови – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/21 7:00 PM

(Видео) Подобро да ме удри граната отколку да ми пукне боца со кислород – Зошто нуркањето е еден од најскапите и најегзотичните спортови

Многумина мислат дека скијањето и тенисот се најскапите спортови кои можат да си ги дозволат малкумина,  но ретко кој знае дека најскапиот индивидуален спорт во Македонија е нуркањето.  Потребни се најмалку 1.500 евра инвестиција во опрема и уште 500 евра за обука или почетен лиценциран курс за да можете да нуркате најмногу до 50 метри длабочина. 

Горан Видачек, член на еколошко-нуркачкиот клуб „Пена“ од Тетово и претседател на Македонско хрватското друштво (МХД) во чиј рамки функционира клубот, откри дека нуркањето е скапо, но и благородно и општествено корисно затоа што ниту со еден спорт не можеме да ја зачуваме животната средина како што тоа се прави со нуркањето.

– Оној што сака да се занимава аматерски или полупрофесионално со нуркање треба да издвои најмалку 1.500 евра за опремата во која влегува и компјутерскиот систем за следење на длабочината и притисокот и околу 500 евра за полагање на курсот. На првиот курс за нуркање можете да се симнувате најмногу до 24 метри. Да, скапо е, но малкумина знаат дека за да станете инструктор за нуркање треба да положите 20 категории и да имате помеѓу 2.000 и 3.000 нуркања. За инструктор за автомобил полагате само неколку категории. А додека нуркаме го чистиме и ѓубрето од длабочините на езерото или морето – објасни за ММС, Горан Видачек.

Тетово нема ниту море ниту езеро, но тоа не им пречи на ентузијастите од клубот да се занимаваат рекреативно со нуркање и да тренираат на Охридското езеро кај Радожта и Калишта во Струга и кај Трпејца во Охрид.

– Ние не сме професионален клуб и функционираме со помош на средства и проекти. Околу 500 до 600 денари е едно полнење на боцата со кислород. Сега купивме компресор кој чини 2.500 евра и работи на 220 бари што во превод значи дека е посилен од тенковска граната. Ние нуркачите често велиме “подобро да ме удри граната од тенк отколку да ми експлодира боцата со кислород“ – рече Видачек и додаде дека за нуркање секогаш треба да се има партнер, односно не е препорачливо сам да се нурка во длабочините.

Првото правило на нуркачите е дека не смеат веднаш да излезат од водата затоа што самиот азот кој се вдишува преку боцата со кислород е отровен. Таа содржи 21% кислород, еден посто гасови како аргон, јаглен диоксид и хелиум, а останатото е азот кој станува отровен и опасен. Притисокот може да направи сериозни проблеми ако се брза кон површината на водата, посебно промената на крвниот притисок во организмот. Секој нуркач има два регулатори под вода, еден за себе, а другиот за партнерот во случај на снемување на кислород.

Благодарение на искуството и обуките, нуркачите од „Пена„ оваа година биле ангажирани да ги исчистат коритото на реката Пена, потоа на езерото Матка, велешкото езеро Младост, Дојранското  и Мавровското езеро.

Пред неколку дена тетовските нуркачи, заедно со колеги од Охрид се вратија од градот Молунат близу Дубровник, Хрватска каде што учествуваа во нуркање и вадење на отпад од Јадранското море.

– Ние бевме седуммина, а останатите осум колеги од Охрид. Таму имаше 125 нуркачи од цела Хрватска. Близу Дубровник во Јадранското море струите се посилни и го влечат пластичното ѓубре од Албанија. За еден час и нешто колку што имавме кислород, на 11 метри длабочина собравме 3,5 тона ѓубре, пред се пластика. Би можеле да собереме и повеќе, но проблем е полнењето на боците со кислород. Една боца се полни 15 минути, а ние бевме 125 нуркачи. Во име на акцијата, сите граѓани кои имаа апартмани близу крајбрежјето ни ги дадоа бесплатно на користење на четири ноќи или пет дена – рече за ММС, Горан Видачек.

Нуркачите постојано ги фотографираат и снимаат своите нуркања, а знаат да направат и по некоја езгибиција под вода како што беше играњето на табла во длабочините на Охридско езеро или кршењето со велигденски јајца. Овој пат додека биле во Хрватска, решиле да истражуваат на поголема длабочина во Јадранското море.

– На последниот ден од турнејата нуркавме на длабочина од 30 до 50 метри каде што потонал бродот Кајзер Франц Јосиф во 1918 година. Глетката беше прекрасна. Присуствувавме на историја. Со оглед на тоа дека поминале 103 години од потонувањето, бродот е во добра форма, целиот труп на бродот е зачуван – ги раскажаа Видачек импресиите од нуркањето на Јадранот.

Орце Костов

Фото и видео: Еколошко-нуркачки клуб „Пена“