Стотици необележани гробови со посмртни останки на деца пронајдени во Канада – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/21 10:24 PM

Стотици необележани гробови со посмртни останки на деца пронајдени во Канада

Уште една масовна гробница е откриена во двор на интернат во Канада, јавува Агенција Анадолија (АА).

Федерацијата на суверени домородни нации (FSIN) соопшти дека стотици необележани гробови на деца биле пронајдени во поранешeн индиски интернат во Мариевал во покраината Саскачеван.

Шефот на регионот Ковесес Фирст Нејшн, Кадмус Делорме и шефот на ФСИН, Боби Камерон, изјавија дека се во тек напорите за да се добие точната бројка, но дека посмртните останки во регионот ќе бидат во најголем број кои досега биле пронајдени во Канада.

Според канадските официјални записи, индискиот интернат во Мариевал работел од 1899 до 1997 година во регионот Ковесес, околу 140 километри источно од покраинскиот главен град Регина.

Новите гробови се пронајдени со радарско скенирање извршено во 139 училишта низ земјата, откако на 29 мај во дворот на црковен интернат во Камлупс, Британска Колумбија, беа пронајдени необележани гробови со посмртни останки на 215 деца.

Се очекува властите в четврток да дадат изјава за бројот на нерегистрираните гробишта пронајдени во областа Ковесес.

Во меѓувреме, националниот шеф на Собранието на првите нации во Канада, Пери Белегард, на Твитер настанот го опиша како „трагичен“.

„Веста дека стотици необележани гробници се пронајдени во Ковесес Фирст Нејшн е апсолутно трагична, но не е изненадувачка“, напиша Белегард.

„Ги повикувам сите Канаѓани да застанат заедно со Првите нации во ова исклучително тешко и емотивно време“, додаде тој.