Дали намалувањето на ДДВ на струјата значи подготовка за новата цена? – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/21 3:18 PM

Дали намалувањето на ДДВ на струјата значи подготовка за новата цена?

Ова прашање денеска му го упативме на министерот за економија, Крешник Бектеши, кој објасни дека синоќешната владина одлука за намалување на ДДВ на електричната енергија е во функција на амортизирање на трошоците на граѓаните во постковид периодот. Сепак, не кажа дали деновиве Регулаторната комисија ќе излезе во пресрет на барањата на енергетските компании и ќе ја зголеми цената на струјата.

–Секако дека наша цел како Влада е да имаме сигурно снабдување на сите домаќинства и тоа веќе го остваруваме и оваа одлука е да им се излезе во пресрет на сите наши граѓани, посебно на домаќинствата во нашата држава за да не се зголеми цената на струјата. Јас сум убеден дека имајќи ги во предвид сите параметри наредната одлука на Регулаторната комисија ќе биде да нема зголемување на цената на електричната енергија, рече Бектеши.

На вчерашната седница Влада вчера донесе одлука за намалување на ДДВ на струјата од 18 на 5  проценти. Оваа одлука ќе важи за период од 1 јули годинава до 30 јуни 2022 година, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата да изнесува 10 отсто. За периодот по 1 јули 2023 година даночната стапка да изнесува повторно 18 отсто.

Сепак, оваа одлука треба да ја прифатат пратениците во Собранието, со законски измени.