МВР треба да знае дека во лето има гужви за нови пасоши, лични карти и возачки – Народениот правобранител ќе ги испутува евентуалните пропусти на службите – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/21 12:31 PM

МВР треба да знае дека во лето има гужви за нови пасоши, лични карти и возачки – Народениот правобранител ќе ги испутува евентуалните пропусти на службите

Со оглед на тоа што минатата година поради пандемијата и рестриктивните мерки голем број на граѓани не ги обновија личните документи, а дел пак, не можеа да ги продолжат поради затворените граници, народниот правобранител смета дека надлежното Министерство требало да предвиди ваква ситуација и следствено да го прилагоди работењето.

Народниот правобранител изразува загриженост во однос на повторниот прекин на издавање на лични документи (лични карти, патни исправи, возачки дозволи и друго) од страна на Министерството за внатрешни работи и смета дека ваквиот потег сериозно ќе влијае на остварување на многу други права на граѓаните. Омбудсманот по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во МВР, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните.

– Менувањето на системот или неговата надградба во период кога очекувано е да има зголемен прилив на барања за издавање на документи е несоодветно и претставува повреда на правата на граѓаните, поради што народниот правобранител по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во Министерството за внатрешни работи, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните. Истовремено, народниот правобранител бара Министерството за внатрешни работи во делокруг на своето работење да испита зошто граѓаните се доведени во ваква ситуација и да утврди одговорност за евентуалниот пропуст на службите, се вели во соопштението од народниот правобранител.

И министерот Оливер Спасовски денеска на новинарско прашање што се случува со пасошите и личните документи, зошто не се издаваат, рече дека лични документи се извадаат и сега, имало зголемен обем на побарувачка, заради ковид ситуација, па многу од луѓето не виделе дека им истекуваат личните документи.

-Имаме најава дека од денеска, од 21 часот, ќе имаме миграција на податоци во новиот систем за издавање на документи, тоа е процедура која мораме да ја завршиме, бидејќи на тоа не обврзуваат и законите и уставот, и понеделник започнуваме со нормално функционирање. Значи, застој ќе има во четврток и петок, сабота и недела и така е викенд. Јас само апелирам на трпение кај граѓаните. Ние затоа и го променивме и законот, од 1-ви јули ќе можат сите оние на кои им истекле патните исправи, личните документи ќе продолжат да важат до крајот на годината. И така како што ни е редот, како што ги добиваме термините, да можеме да извадиме нови патни исправи и лични документи, изјави Спасовски.