Премиерот Зоран Заев го отвори првиот Економски форум во Скопје кој денес се одржува во хотелот Александар Палас, и ја испрати истата порака до меѓународната заедница што ја потенцираше и на самитот Делфи во Атина.
– Потребен ни е просперитетен Балкан денес и во Европската унија. Горд сум што Макеоднија постигна договор со Грција и дендска сме членки на НАТО. Тоа значи сигурност, безбедност и одлична можност за економски развој. Нашата земја ги исполни сите услови за почеток на преговорите и тоа го покажа поддршката на 26 од вкупно 27 членки. Посебна благодарност на САД и на Бајден со кој неодамна имавме можност да разговараме за стратешките вложувања во енергетиката и во македонско-грчко-американскиот проект Александропули – рече Заев.
Премиерот им упати порака на инвеститорите, да вложат во Македонија, затоа што условите се одлични и за домашните и за странските компании.
– Во првите пет месеци потпишавме 15 договори за инвестирање и вредноста на овие договори е 100 милиони евра во инвестиции. Во следните неколку недели се очекува затворање на договорот за директна инвестиција со повеќе од 100 милиони евра и тоа ќе биде најголемата досега. Инвестициите во зоните значат ослободување од данок на добивка и данок на доход во следите десет години, а другите критериуми зависат од создавањето на работните места. Поддршка нудиме за квалификации и доквалификации за работна сила со цел да го следиме трендот на инвесторите во регионот – додаде премиерот.
Меѓу учесниците на форумот се и премиерот на Албанија Еди Рама, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој ќе се обрати преку видео-конференциска врска, потоа вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, министрите за финансии, Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, за правда Бојан Маричиќ, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе во канцелариите на Светска банка и на ЕБРД во земјава, Масимилијано Паолучи и Анди Аранитаси, како и домашни стопанственици, универзитетски професори и новинари, гости од Словенија, Србија.
О.К.