Несовесни граѓани прават депонии во Дојран – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/21 4:41 PM

Несовесни граѓани прават депонии во Дојран

Исфрлање на градежен шут од малтер, цигли, камења на локации кои не се депонии, се почесто се случува на подрачјето на општина Дојран, посебно во пролетниот и летниот период кога во ек се реновирања и градежни работи.

Ваквите случаи се чести и на приватни имоти, односно на ниви со сопственик, каде несовесни граѓани си го истресуваат отпадот, и си поминуваат неказнето. Неодамна за ваков случај јавно во една од групите на социјалните мрежи посветена на случувања во Дојран, се пожали и жител на оваа општина, а на написот и фотографиите со кои се докажува прекршокот, следеа лавина написи од други жители за слични ситуации. Според дојранци, на места каде е поретка фреквенцијата на посетители, се создаваат мини депонии од секаков шут почнувајќи од парчиња мебел, душеци, плочки, цигли, па се до прозорци и врати. Најчесто тоа се точките на излезот и влезот во општината, а поголема депонија според тврдењата на жителите постојано се прави и во месноста Сретеново.

Градоначалникот Анго Ангов вели дека општината е запознаена со ваквите случувања, но за реакција од нивна страна биле потребни брзи пријавувања од граѓаните заедно со фотографии од локацијата.

– Ние работиме на терен, меѓутоа не можеме секогаш да знаеме каде се прават тие депонии. Имаме разговарано со луѓето кои поседуваат трактори, кои го исфрлаат тој шут, укажано им е дека тоа е казниво со закон, меѓутоа досега на лице место немаме фатено никој , освен еден. Апелираме до граѓаните штом знаат за ваков случај на лице место да го документираат и да го пријават. Казните се движат од 100 до 500 евра – појасни градоначалникот.

Според Ангов општината веќе расчистувала вакви депонии на своја сметка, а во моментот проблем бил и бројот на луѓе што можат да интервенираат бидејќи во текот на летната сезона комуналните работници претежно се ангажирани за средување на централното подрачје.

 

 

Роза Шулева