Германија повторно побара итно одблокирање на македонските евроинтеграции, Косово добива визна либерализација – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/21 9:30 AM

Германија повторно побара итно одблокирање на македонските евроинтеграции, Косово добива визна либерализација

Се работи за кредибилитетот на Европската унија кога е во прашање проширувањето, кое  останува најуспешна алатка во надворешната политка  – ова беа дел од изјавите пред почетокот на Комитетот за општи работи на ЕУ, што се одржува денеска во Луксембург. 22-ри јуни беше најспоменуваниот датум деновиве во Македонија, токму поради очекувањата на денешното заседание да се одблокираат македонските евроинтеграции.

Најдиректен во изјавите беше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, кој ги повтори оценките дека Македонија и Албанија немаат повеќе време да стојат во европската чекална, а ЕУ не смее да дозволи и натаму билатералните прашања да го кочат проширувањето и пристапувањето на Македонија.

Ана Пауса Закариас, државниот секретар за европски прашања на Португалија, земја претседавач со ЕУ, потврди дека министрите ќе зборуваат за процесот на пристапување на Македонија и Албанија.

-Ќе имаме дебата за проширувањето, уште едно многу важно досие. При тоа е важно да се договориме за ИПА регулативата, што ќе ни озовможи финансирање на  земјите кандидатки. И потоа ќе дискутираме до каде сме со пристапувањето на Р.С. Македонија и Албанија, изјави Пауса Закариас.

Проширувањето како доказ за кредибилитетот на ЕУ зборуваше словачкиот шед на дипломатијата, Мартин Клус.

-Извонредно важно е конечно да започнат преговорите со Македонија и Албанија што е прашање на кредибилтет на Унијата и проширувањето останува најуспешна алатка во надворешната политка и не смее да биде загрозен, смета Клус.

За Хрватска, има напредок на земјите кандидати, а тоа е доказ за одржувањето на двете меѓувладини конференции со Црна Гора и Србија по новата методологија. За Косово денеска се укинуваат визите за влез во европските земји.

-Кога е во прашање Македонија и Албанија, ние сметаме дека овие две земји ги исполнија сите најважни критериуми, и го очекуваме моментот кога што попрво треба да бидат отворени преговорите со тие две земји, рече Гордан Грлич – Радман, министер за надворешни работи на Хрватска.

Главна точка на денешното заседание е владението на правото во Полска и Унгарија. Според најавите, Македонија не може да очекува ништо значајно од денешниот Самит, со оглед на минатонеделните цврсти ставови на Бугарија, дека не може да дозволи одржување на првата министерска конференција на Македонија со ЕУ додека не се иполнат поставените услови.