Штипските пожарникари ги сечеле двете возила, што директно се судрија вчера, по 14 часот на експресниот пат Штип – Кочани. Според командирот на ТППЕ од Штип, Тони Атанасов, пожарникарите ги нашле двајцата возачи на воланот мртви. Двајцата починати се млади луѓе на 39 и 40 – годишна возраст. Совозачот од едно од возилата во кома е пренесен во Клиничката болница во Штип.
СВР Штип излезе со детали за сообраќајката.
-На 20.06.2021 во 14.10 часот било пријавено дека на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на нас.„Три чешми”, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „тојота корола”, со битолски регистарски ознаки, управувано од А.И.(39) од Битола и патничко возило „хонда ЦВ”, со велешки регистарски ознаки, управувано од А.М.(40) од Велес. Од екипа на Итна медицинска помош кај двајцата возачи била констатирана смрт на местото на незгодата. Сопатникот од возилото „тојота корола”, Б.К.(30) од Кочани, се здобил со повреди констатирани во Клиничката болница Штип, соопшти полицијата.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип и Јавен обвинител, по чија наредба телата на почнатите биле дадени на обдукција. Во периодот од 14.45 до 20.00 часот сообраќајот бил пренасочен по магистралниот пат Штип-Кочани.
Според очевидци, се работи за прилично широк дел од патот и нејасно е што се случило за овој силен директен судир, кој заврши со две човечки жртви.