Без никакво сомнежи, Милвоки Бакс и Бруклин Нетс ја играат најдобрата серија во годинешниот плеј-оф во НБА, а борбата помеѓу двете силни франшизи на Истокот мора и треба да се реши на овој начин – „мајсторка“.
Ако натпреварот број пет одигран во Бруклин, му припадна целосно на Кевин Дурант, мечот број шест од возбудливата серија го одбележа едно име, Крис Мидлтон. Личниот рекорд во кариерата во плеј-офот од најдоброто светско кошаркарско натпреварување (38 поени, 10 скокови и пет асистенции) му пресуди на овосезонскиот фаворит и го одведе во „матни води“ по релативно лесниот почеток од 2:0.
https://www.youtube.com/watch?v=m7gJu2VeebA
Освен во третата четвртина, Бакси ја имаа комплетно иницијативата на дуелот. Највисокото водство на „елените“ изнесуваше плус паетнаесет во последната четвртина и иако Нетси успеаа да се вратат барем накратко во игра, новата серија 14:0 значеше и окончување на резултатот и резервирање билет за решавачки двобој во „Берклис Центар“.
Брилијантниот Мидлтон во чекор го следеше и главниот играч на Бакси, Јанис Антетокумпо, постигнувајќи 30 поени, три асистенции и дури 17 скокови. Џру Холидај со 21 поен беше третиот скорер за домаќинот на листата.
Кај противничкиот табор, Кевин Дурант беше единствениот расположен шутер во екипата на Нетс, додавајќи на свое конто 32 поени, 11 скокови и 3 асистенции. Џејмс Харден имаше слаб перформанс, со за него скромни 16 постигнати поени.
Вечерва после полноќ во вториот полуфинален дуел од Источната конференција, ќе се соочат Атланта Хоукс и Филаделфија. Тимот на Трае Јанг и Богдан Богдановиќ има водство од 3:2 во таа серија.
Фото:
Twitter / @bucks
nеtsdaily.com
д.ј