Пораз и во вториот натпревар во групата Ц на Европското првенство за нашата фудбалска репрезентација.
Македонија загуби од Украина со 2:1 во натпревар со две полувремиња. Екипата предводена од Андриј Шевченко комплетно ја имаше иницијативата во првиот дел, особено на средината на теренот каде што ги доби сите дуели и им овозможи на своите напаѓачи лесен проток на топката и едноставна дистрибуција во последната третина од теренот.
Елиф Елмас за нас ја имаше единствената шанса во 19-тата минута, кога од непосредна близина ја погоди мрежата на Бусчан од надворешна страна. Блицкригот на Украинците во 29-тата, односно 33-тата минута од двобојот им го донесе посакуваното водство и полесно од очекувањата. Јармоленко по изведениот корнер и мешаницата во петерецот ја протна топката во мрежата на Димитриевски, а неколку мигови подоцна играчот на Вест Хем успешно му асистираше на Јаремчук за зголемување на водството на „жолтите“.
Горан Пандев во 39-тата минута постигна погодок за Македонија, но истиот е поништен поради недозволена позиција.
Целосно заменети улоги во второто полувреме. Со влегувањето во игра на Чурлинов и Трајковски и новата формациска поставеност од 4-3-3, Македонија доби на креативност и директност, а плодовите на таквата игра ги искористивме во 57-мата минута. Одличниот удар на Трајковски го осуети првично Бусчан и топката ја погоди стативата и оттаму заврши во нозете на Пандев. Капитенот под фаул не успеа да упати удар и изнуди пенал за своите соиграчи.
Само среќата беше наш сојузник во тој момент, бидејќи Бусчан го одбрани шутот на Алиоски, но одбиената топка повторно заврши кај фудбалерот на Лидс кој од „втора“ ја погоди празната мрежа. Иницијативата на Македонија во 84-тата минута ја „пресече“ спорниот пенал и играњето со рака на Аврамовски во живиот ѕид. По консултација со ВАР-собата, Аргентинецот, Рапалини, досуди на 11 метри. Димитриевски одлично го прочита Малиновски и ги остави надежите за поволен резултат живи.
Сепак, на крајот „рисовите“ не избоскуваа бод од овој двобој. Физичката подготвеност, менталната блокада или пак тактичката нефлексибилност, се појавуваат како легитимни прашања до оние кои ја имаат палката. Зошто Македонија не е способна да одигра две подеднакво квалитетни полувремиња, не знаеме, но едно е сигурно – момците на теренот, без излитени спортски фрази, навистина го пружија својот максимум и не дозволија никому да рече „од каде па сега оваа Македонија се појави помеѓу европскиот крем“.
Фото:
Twitter /@EURO2020
Facebook / Фудбалска репрезентација на Македонија
д.ј