Суспензивните елаборати на Општина Центар не се во согласност со законските одредби, велат од Министерството за транспорт и врски – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/21 3:07 PM

Суспензивните елаборати на Општина Центар не се во согласност со законските одредби, велат од Министерството за транспорт и врски

Единаесетте елаборати за суспензија на деталните урбанистички планови во Општина Центар, не се изготвени согласно со одредбите на Законот за урбанистичко планирање. Доставените елаборати од Општина Центар до Министерството за транспорт и врски не содржеле конкретни податоци со кои се докажува несомнена штета по јавниот интерес во текот на спроведувањето на планот, информираше денес министерот за транспорт и врска, Благој Бочварски.

Во превидениот законски рок од 15 дена, стручната комисија од пет члена меѓу кои и професорот Мирослав Грчев, детално ги анализирала сите поднесени елаборати и врз основа на истите подготвила стручно мислење кое укажува на неколку аспекти.

-Поднесените елаборати за суспензија на урбанистичките планови во Општина Центар не се изготвени согласно законскит одредби за урбанистичко планирање, од причини што е применет погрешен законски основ. Наместо членот 23, изработени се врз основа на член 35. Исто така, доставените елаборати за суспензија не содржат конкретни податоци со кои се докажува несомнена штета по јавниот интерес воочена во текот на спроведувањето на планот, рече Бочварски.

Суспензивните елаборати во Центар не требало да се однесуваат на целиот плански опфат од планот, а доколку елаборатот се однесувал на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, неопходно е да се докаже штетата по јавниот интерес која би настанала за целата површина. Предмет на елаборати за суспензија не можат да бидат делови од планови кои се спроведени или каде што спроведувањето е во тект согласно постоечки закони.

-На пример, не може да се бара суспензија на план кај сегашната зграда на Владата, ако штетата ја гледате кај зградата на Министерството за транспорт и врски, појаснува министерот.

Помеѓу поднесените елаборати се наоѓаат и оние кои ја разбрануваа јавноста во последниот период, односно паркингот наспроти хотелот „Холидеј ин“ и поранешната фабрика „Треска“.

Бочварски додава дека мислењето на комисијата е исклучиво стручно и не е правно обврзувачки, што значи дека топката повторно останува кај Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ. Од министерството ги поддржуваат заложбите на Општина Центар за заштита на државно градежно земјите и нивното пренаменување во објекти и површини од јавен интерес со локално значење.

Воедно, оттаму најавија и активна борба против т.н урбана мафија и „интригашите“

д.ј