За случајот 27 април се изнесуваат невистини. Критиката од опозицијата е секојдневна, но ниту една нереална критика која што не е заснована на факти, не допира до мене. Политиката кај мене нема влијание, рече денеска во претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Таа пред почетокот на тркалезна маса во одговор на новинарско прашање околу изнесените критики од ВМРО-ДПМНЕ, дека за претседателка е избрана поради затворските пресуди кои ги донела за осудените во предметот за упадот во Собранието на 27 април, посочи дека станува збор за невистини поради кои се доведува во заблуда јавноста.
– Не може да стане збор за уставобранители луѓе кои влегле во Собранието, во Законодавниот дом, дом на деморкатија да се тепаат пратеници, новинари, полиција, а од друга страна да гледаме претставници на полцијата во комплетна борбена опрема како лежи на фотелјите се поздравуава и гушка со маскирани лица, мислам дека на јавноста и е доволно јасно, рече таа.
Кацарска додаде дека критиката од опозицијата е секојдневна, но ниту една нереална критика која што не е заснована на факти, не допира до неа.
– Политиката на мене не може да влијае. Нема земја во светот и нема политичар кој не сака да има влијание врз судството. Но, гарантирам и ви ветувам дека никогаш ниту еден политичар мене не може да ми каже како да работам, додаде Кацарска.
Во поглед на изборот на новите судии, Кацарска изјави дека не постои политичар кој може да и се јави и да и каже како да одлучува за некој предмет.
– Во мојата судска работа тоа сум го докажала. Кои судии ќе ги изберат политичарите, за тоа може да зборувате со претставници од политичките партии, се надевам и посакувам да изберат професионалци, чесни судии, на кои воопшто нема да им е битно кој е носител на иницијативата, која одредба се оспорува и слично. Уставниот суд заслужувува да бидат изберени исклучиво луѓе професионалци, додаде Кацарска.
Во однос на отвореноста на Судот, Кацарска вели дека била изненадена кога слушнала дека на новинарите им езабрането да влегуваат со мобилни телефони на седниците на Судот.
Рече дека тој проблем е решен, за тоа веднаш дала налог на генералниот секретар и е известено внатрешното обезбедување, па новинарите ќе можат слободно да влегуваат во судницата од следната.
– Точно е дека Судот е максимално затворен, точно е дека во последниве години наместо да се оди на отворање на Судот, се повеќе се затвораше. Затоа барав да ме информираат дали е донесена некоја одлука, заклучок, било што од страна на судиите на Уставниот суд, но ми кажаа дека нема одлука, едноставно било кажано дека веќе новинарите не смеат да користат мобилен телефон, како што реков тоа е веќе завршено, посочи Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд појасни дека е отворена за соработка и дека ќе најде начин Судот да биде отворен, бидејќи како што рече, јавноста мора да знае за неговата работа.
– За се друго отворена сум за соработка, се надевам дека ќе најдеме начин и барам од вас помош да ми кажете што е проблемот, каде вие наидувате на проблем со Уставниот суд и да видам што може да се направи за да судот максимално се отвори, додаде таа.
Прашана дали истото важи и за камерите, Кацарска рече дека ова прашање ќе го истакне на првиот колегиум, а ќе го види и искуството на европските судови.
– Ова прашање околу камерите ќе го истакнам на првиот колегиум, ќе разговарам со колегите, и секако би сакала да го видам и искуството на европските судови, како е кај нив, дали е дозволено со камери да се следи судењето целосно, доколку постојат такви искуства, секако дека и тоа ќе го дозволам, појасни Кацарска.
Таа посочи дека исто така ќе се разговара и околу делот за предметите, јавноста да има увид во повеќе информации и да знае точно за кој предмет станува збор.
– Некои новинари ми кажаа дека имате проблеми и во поглед на предметите кои се закажни за седница, наводно не можете да се снајдете да знаете за кој предмет станува збор, таму стојат броевите на предметите. И во тој дел сакам да се среди во смисла да има повеќе информации за да вие претходно знаете точно за кој предмет станува збор, кој е подносител на таа иницијатива, која одредба е во прашање и слично. Се што е спорно ќе го средуваме.Ви ветувам дека судот максимално ќе го отворам за јавноста, додаде Кацарска.
МИА