(ВИДЕО) Патрик Шик од половина терен го совлада Маршал – ММС
ММС

Објавено на: 06/14/21 3:48 PM

(ВИДЕО) Патрик Шик од половина терен го совлада Маршал

Шкотска играше, Чешка погодуваше во нивни стил и нивен манир. Вториот меч од групата Д на Европското првенство помеѓу Шкотска и Чешка, го донесе можеби и најубавиот гол на турнирот.

Напаѓачот на Баер Леверкузен, Патрик Шик, при крајот на првото полувреме одлично го искористи додавањето на Владимир Цуфал и на „Хемпден Парк“ му донесе водство на својата репрезентација од 0:1.

Почетокот на вториот дел не можеше поспектакуларно да започне. Шутот на Шкотите кон голот на Томас Вацлик заврши во дефанзивниот блок на гостите, а потоа и во нозете на противничкиот фудбалер кој размислуваше фудбалски, интелигентно и невообичаено.

 

Екс-играчот на Рома и Сампдорија од 49,7 метри оддалеченост веднаш упати шут, забележувајќи ја излезеноста на Дејвид Маршал и неговата лоша позиционираност. Шутот заврши во мрежата и зад неговиот грб, но покрај тоа со сигурност ќе заврши и на сите најавни и одјавни шпици поврзани со овој „задоцнет“ европски шампионат.

Чесите со оваа победа ќе избијат на првото место во групата, со подобра гол разлика од фаворитот Англија и со многу подобри шанси за пласман во осминафиналето.

Прво коло на дисперзираното Европско, а веќе се наѕира главниот кандидат за „гол на ЕУРО 2020“. Патрик Шик, симнуваме капа.

 

 

Фото:

Twitter

 

д.ј