Драгана Спасевска, овластен претставник и застапник на граѓанската иницијатива “Учебници и настава мора да има” вели дека деновиве добиле биле информирани од повеќе родители дека на децата им било намалено поведението поради бојкотот. Спасевска вели дека се уште немаат конкретна бројка за колку ученици се работи, но имаат податоци дека има намалено поведение и на средношколци и на основци од повеќе градови низ Македонија. Апелираше до родителите да побараат писмено изјаснување од страна на училиштето во кое ќе стои образложанието по кој основ е намалено поведението на ученикот.
„ Член 64-а вели дека родителот се упатува на советување ако ученикот има направено повеќе од десет неоправдани. За тоа советување треба да се води записник и родителот треба да се потпише на истиот. Ако нема советување, не може да има педагошка мерка, т.е. намалено поведени. После одржани совети во училиштата, се издаваат евидентни листови или има на табла во училиштето со првични податоци за успех и поведение на учениците. Ако некој родител не е задоволен од поведението може да даде приговор до наставнички совет, при што во приговорот би се повикал на фактот дека не е информиран и не е советуван за направени изостаноци кои би повлекле намалено поведение, “ објаснува Спасевска и ги повикува родителите веднаш да делуваат.
Таа вели дека кога ќе имаат писмено изјаснување, родителите ќе можат да достават претставка во Народниот правобранител и до просветниот инспекторат, за да можат институциите да делуваат. Според неа намаленото поведение на учениците ќе има последици.
„Последици ќе имаат при уписите во средно, бидејќи е намалено поведението ученикот има помалку бодови. Потоа не се работи само за поведението, туку дека во овој процес законски не се запазени процедурите. Не се повикани родителите на советување и не е дадено време за приговор. Со ова се кршат правата и не се известени родителите навремено за случувањата во училиштата на нивните деца“, вели за ММС Драгана Спасевска од граѓанската иницијатива “Учебници и настава мора да има”.
За ова, ММС го контактираше Министерството за образование од каде велат дека во постојната законска регулатива точно е уредено во кој случај се намалува поведение на ученик.
„Доколку смета некој родител дека ученикот е оштетен на било кој начин, родителот има право за секој поединечен случај да поднесе претставка во Државниот просветен инспекторат. Државен просветен инспектор ќе излезе на терен и ќе ја утврди фактичката состојба, по што ќе го извести подносителот“, пишува во одговорот на Министерството за образование.
Маја Богоевска