По налог на Општина Струга денеска шест правни субјекти, поранешни концесионери на плажи, почнаа со демонтирање на платформите пред нивните угостителски објекти поставени на северното крајбрежје на Охридското Езеро.
Како што истакна вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, станува збор за активност што ги спроведува градоначалникот на Струга во соработка со стопанствениците од градот, благодарение на, како што рече, конструктивниот дијалог што го имаат бизнисмените со локалните власти.
– Иако станува збор за платформи за кои постојат дозволи за градба, во дијалог со општинските власти и согласно препораките на УНЕСКО, истите ќе бидат отстранети. Убеден сум дека граѓаните на Струга, но и на целата држава ќе ја препознаат позитивната иницијатива на градоначалникот на Струга, рече Груби.
Идентичен статус имаат концесионерите што стопанисуваа со плажите во Охрид, на кои исто како и во Струга им се истечени договорите, а имаат забрана за каква било стопанска дејност.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, изјави дека станува збор за активност што се спроведува во насока на солидаризирање на стопанствениците од Струга со оние од Охрид, а во насока на зачувување на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО. Тој истакна дека се работи за субјекти што граделе со одобренија, ги подмируват сите давачки кон државата и оттаму државата мора да изнајде начин како тие ќе работаат во иднина.
– Овие платформи не се дивоградби, истите се во рамки на одобренијата што концесионерите ги добиле пред добивањето на договорите за стопанисување. Мора да се изнајде начин како да се развива крајбрежјето и туристичката понуда. Не е грешката кај локалната власт ниту кај населението, мора да се бара решение на повисоко ниво. Очекуваме после преземените активности од УНЕСКО и од државата да достават план за идниот развој на регионот, насоки за тоа како би се одвивал развојот на крајбрежјето во иднина, рече Мерко.
По однос платформите во Радожда, Мерко рече дека се работи за далеку помали интервенции во крајбрежниот појас што датираат од многу одамна.
– Таму нема платформи од ваков стил, тоа е крајбрежје што било и ќе биде дел од развојот на селото. Видете каква е состојбата во Подмоље каде државата вложи 500 илјади евра за изградба на петметарски ѕидови или пак во изворите кај Свети Наум што е најзаштитено подрачје. Затоа повторувам, доколку Владата не даде план за урбанизирање и во иднина ќе се гради на диво, рече тој.
МИА