За малку ќе му го удрев ќотекот на син ми – Спортски анегдоти на легендарниот Зоран Михајлов и неговиот син Горазд – ММС
ММС

Објавено на: 01/20/22 7:00 PM

За малку ќе му го удрев ќотекот на син ми – Спортски анегдоти на легендарниот Зоран Михајлов и неговиот син Горазд

За човек како легендарниот спортски коментатор Зоран Михајлов кој сака секој збор што го кажал на ТВ пренос, премалку е една книга за да ги раскаже сите случки и детали од богатата спортско новинарска кариера.

Но, деталите од неговит патешествија нестанале пишан збор затоа што во нив е неговиот син Горазд Михајлов. Двајцата за ММС раскажаа како еден на друг си влијаеле врз животниот избор, како спортот ги зближил како татко и син и кои авантури ги правеле додека Зоран известувал од различни спортски настани.

Зоран бил атлетичар пред да стане коментатор и новинар, а Горазд се присети дека ја добил првата фудбалска топка од својот татко на седумгодишна возраст.

Има многу детали кои не ми се прераскажани. Во мојата книга од пред две години раскажувам многу случки, меѓу кои и патувањето со “фиќо“ до Хелсинки.

Имав еден колега, Марко Черепналковски од Нова Македонија, имаше еден специфичен стил, сите сакаа да го читаат. Мераклија беше, а знаеш како е да си мераклија. Му реков ајде ќе делиме дневници и ќе одиме. Земавме околу 30 спакувани Бадел ракии од слива и 25 шишиња мастика од Грозд. Не пиев јас, само јас возев. Тој не знаеше да вози, ама не беше и во состојба да вози – раскажа за ММС, Зоран Михајлов.

Кога цариниците во Хоргош виделе пакети со алкохол, им рекле дека во Финска нема алкохол, односно има забрана. Двајцата новинари морале да демонстрираат дека ракијата е за нив и испиле пола шише на граница.

Пред да почне во новинарството, Зоран бил атлетичар и шампион на Македонија од 60-та до 66-та на средни патеки од 6000 метри до 10 километри. Тој бил рекордер во стиплчес долги 10 до 15 години.

Во 2017 година во Лондон на атлетското Светско првенство добива награда од АИПС од меѓународната асоцијација на спортски новинари како истакнат коментатор кој дал голем придонес во развојот на атлетиката. Но за да го постигне ова, Зоран имал поддршка од својот син Горазд кој постојано го следел татко му ја големи настани. Зоран е еден од ретките татковци кој не испуштил меч на својот син. Дури доаѓал во Велес за да го гледа Борец каде што до неодамна син му беше тренер.

– Немам испуштено натпревар на Горазд и мислам дека мене може да ме пушти на терен ако му фали некој играч. Тој од мал доаѓаше со мене. Јас сум мераклија за возење и кога одевме со Калински да коментиравме атлетика, го носевме и него. Во Берлин на атлетскиот митинг за малку ќе изедеше ќотек. Влегуваме во автобус каде што седеа европски шампиони, рекордери, Сергеј Бубка беше со нас. Горазд влегува и вика “тато го заборавив пасошот“. Оди бе на рецепција, земи го, овие атлетичариве се загреваат, ќе задоцнат. Овојпат помина, другпат мисли му ја – се присети Зоран Михајлов.

Но и Горазд има своја верзија на настаните од патувањата со татко му и со Златко Калински, а највпечатлива му е сцената со дождот кога сите накиснале а Зоран си седел во колата.

– Ми беше многу интересно, патувавме со кола, имав можност да ја прошетам Европа од мали нозе. Имавме Пежо 504 караван и имавме многу интересни случки со Калински. Во Италија во Комо и Кијасо бевме застанати да ручаме, но фати еден дожд. Татко ми си ја отвори својата врата, нас не остави да не врне. Вика, што да правам сега, викаме ништо, сега накиснавме тоа е . Бевме некаде да се сушиме. И во Шведска на СП во Гетеборг 1995 година кога Џонатан Едвардс двапати го собори рекордот во трискок. Малкумина знаат 1980 година се приклучив на фудбалската школа на Вардар. Одев и на скијање, тоа ми е хоби број еден. 1982 година имав можност да седам на фудбалските мечеви на клупата на Вардар како неофицијално лице, сум седел до играчи како Чеде Јаневски, Ѓоре Јовановски, си фантазирав како би било да бидам и јас тренер, истакна Горазд за својот избор на спорт кој подоцна го вивна во височините.

Влијаел и татко му врз спортскиот избор, па се одлучил да биде фудбалер иако бил успешен во тенисот. Сепак скијањето му останало во крвта.

– Сите мислеа дека благодарение на татко ми јас играв во кадетската репрезентација на Југославија, но тој имаше еден одговор: Точно е јас го инфилтрирав во репрезентација, но головите ги дава Горазд, не јас. Бев репрезентативец и на Македонија, можеби можев да направам подобра кариеа како играч, но повредите си го сторија своето.

Се сеќавам кога ја добив првата топка од татко ми на 6-7 годишна возраст, во тоа време кога татко ми беше спортски директор во Вардар. Се Сеќавам на црно-белите кожени топки. Искрено идол ми беше Паоло Роси кој почина пред 6-7 години. На 1982 на СП излезе од никаде и беше најдобар стрелец. До неоадамна го чував неговиот постер и од Марко Ван Бастен бидејќи сум страствен навивач на Милан – рече Горазд за ММС.

Зоран Михајлов е убеден дека за коментаторството треба тренинг како и за спортистите.

– Денес настаните постојано доаѓаат и минуваат и ти треба да си присутен. Во минатото, кога немаше интернет, самиот се снаоѓав за податоците за спортистите, морав да собирам се. Јас на почеток од годината ќе отворев една тетратка и си пишував кој атлетичар колку истрчал, каде и на кој датум. Сум правел утрински преноси од бокс од борби на Мухамед Али, од легендарниот Медисон Сквер Гарден во Њујорк. Кога одев на пренос во црните темници, си викав “леле ајде да заврши побргу да дојдам да си легнам“. Најтешко е да коментираш атлетика затоа што во истиот момент имаше многу настани.

Патувавме шетавме, 15 олимпијади имам, тоа е богаство, подготвен сум и за Токио, тоа ќе ми биде 16-та. Јас сум ги работил сите 27 олимписки спортови. И на стари години ќе одам Олимпијадата, ако не ја одложат пак – рече тој.

Зоран се присети и на најдобриот совет кој му ги дал Никола Солдатов, еден од најдобрите спикери на радио која на времето го читал преводот од Тито и прв правел преноси на фудбал.

– Завршив Гимназија и право во Нова Македонија, работев додека студирав. Им требаше човек за коментирање атлетика, а јас бев атлетичар. Немаше ниту три дена да седам во канцеларијата, одлучија во 1973 година да коментирам Светско првенство во ракомет за жени. Солдатов ми рече: “Знам дека ќе се подготвиш со податоци, но ако се игра брзо немој да пласираш од тие 80%, ќе ја удавиш публиката, до 50% малку си ги давел, а до 25% ако им дадеш податоци, тогаш си ги освоил гледачите. Ова ми беше врежано во целата кариера – кажа 76-годишниот пензинер.

Зоки за ММС ги опиша и најемотивните коментаторски настапи во својата кариера, а тоа се дуелот со Англија во 2002 година кога одигравме 2:2 и освојувањето на златниот медал на Мохамед Ибрахимов во борење.

– Помешани емоции беа на Олимпијада каде што освојуваш медал, во тој момент 300 мисли ми поминаа. Беше нерешено, имаше продолжение и чекав Ибрахимов да направи зафат за поен затоа што знаев што ќе следува. Но, тој направи зафат за четири поени и реков “Оваа е медал, прв за самостојна Македонија“ и емоциите проработеа и јас замолчев. Се јавуваат колегите од Скопје преку слушалки и прашаа дали сум бил жив, викам чекајте луѓе да се соземам. А мечот Англија-Македонија во 2002 година беше спектакл. Но, во мојот коментар се слушаше само крајот кој едвај го чекавме затоа што знаевме дека ремито 2-2 е еднакво на медал. Англичаните со наведнати глави си заминаа од стадионот – додаде Михајлов.

Орце Костов

Фото: Вангел Тануровски