Доста е политика, нека види светот кои сме и што сме – Легендарниот Зоран Михајлов едвај чека да почне мечот со Австрија – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/21 1:00 PM

 Доста е политика, нека види светот кои сме и што сме – Легендарниот Зоран Михајлов едвај чека да почне мечот со Австрија

Малкумина знаат дека нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев дебитираше на мечот Турција – Македонија во Бурса во далечната 2001 година, а натпреварот на Македонската радио телевизија го коментираше легендарниот спортски коментатор Зоран Михајлов. Мечот заврши 3:3 а Зоки за ММС се потсети каков беше почетокот на голобрадото момче од Струмица и што очекува од денешниот натпревар со Австрија.

– На десетина минути на Пандев му рекоа, „Ајде мали загревај се, ќе влезеш“. Тоа беше 2001-та година. Другото е историја. Не можам да дочекам да почне мечот со Асвстрија, нестрплив сум да истрчаат фудбалерите. Еуфорија може да не зафаќа сите, но фудбалерите треба да ја имаат онаа самопозитивна трема која им треба за да влезат концентрирани во мечот. Тенка е границата од оваа трема до опасната трема која може да им ги здрви нозете. Само треба да се држат до командите на селекторот Игор Ангеловски. Тој е задолжен да направи една шашма како што викавме во Дебар Маало. Треба со овој играчки кадар против оваа Австрија, мирно и фино да играме. Загубивме на двапати од нив, но тоа е минато време, сега е друго, играме на ЕП. Сакам да им покажеме на сите дека сме тука, дека постоиме. Доста е политика, нека види светот кои сме и што сме. Тука се гради историјата, но не само фудбалската. Ја видовме Колинда Грабар-Китаревиќ на Светското првенство колку и беше ќеиф што нејзината земја играше финале. Верувајте во претседателскиот мандат најмногу ќе го памети доживувањето во Русија – истакна Зоки Михајлов.

Го потенцираше пишувањето историја со спортот, но не само спортска, туку и државна. На Михајлов тешко му паднало кога на Олимписките игри во Нагано, Јапонија му викале каде е “Македонија“.

– Им одиме на олимпијада, а не знаат кои сме. Јас им реков, еве ја имате олимписката книга. Отворете Лос Анџелес 1984 година и барајте борење. Што гледате? Шабан Трстена, олимписки првак на Југославија (Македонија). Ете тоа е мојата Македонија. Отворете бокс, еве го и Аце Русевски. Ете тоа е мојата Македонија – рече Зоран Михајлов за ММС.

Холандија им забрани на македонските навивачи да патуваат во Амстердам за мечот со Македонија и тоа предизвика револт кај јавноста. Спортскиот коментатор мисли дека Холанѓаните се плашат од нас.

– Јас мислам дека се плашат од нас, си викаат дај да затвориме граници да не ни дојдат со џиновски знамиња. Ова е дискриминација и јас мислам дека ќе се предомислат Холанѓаните под притисок на УЕФА. На крајот на краиштата и фудбалерите се од Македонија, па што не им забранат и нив и да не играме воопшто. Но, тука е дијаспората па Македонија нема да биде без поддршка – рече Михајлов за ММС и се присети на времето кога известувал од Брисел каде што играла младата репрезентација на Македонија.

– Покоен Љубисав Иванов Ѕинго тогаш тојде во хотелот и рече дека домаќинот не дозволувал ниту знаме ниту химна, а тој не сакаше репрезентацијата така да излезе на терен. Се јавија на Тихо Илиевски, амбасадор во Стокхолм, да контактира со тогашниот претседател на УЕФА, Јохансон и да направи притисок. Седнати чекаме во амбасадата и доаѓа Ѕинго и вика “Ќе свират химна, но наше знаме нема да се крева“. Тогаш се уфрли селекторот Дончо и рече дека џабе им е тоа кога на стадионот ќе има илјада знамиња, сите Македонци од Западна Европа ќе дојдат – со солзи во очите се присети Михајлов.

 

Орце Костов