Силното сонце не секогаш значи природен витамин Д, туку опасност – Препораки од д-р Зорица Зафировиќ за заштита на кожата – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/21 9:50 AM

Силното сонце не секогаш значи природен витамин Д, туку опасност – Препораки од д-р Зорица Зафировиќ за заштита на кожата

Додека температурите растат, сончевите зраци стануваат сѐ поинтензивни, а и носењето маска на отворено веќе не е задолжително, граѓаните во обид да го добијат витаминот Д на природен начин, па сѐ повеќе време поминуваат на отворено. Сепак и покрај придобивките, сончевите зраци може да му наштетат на човековото здравје. Затоа е важно нашиот најголем орган, кожата да биде соодветно заштитен, а изложеноста на сончевите зраци рационална.

Како да се заштитиме од УВ зраците и кои ризици ги носат тие, Македонски медиа сервис разговара со д-р Зорица Зафировиќ, специјалист дерматовенеролог при Клиниката за дерматологија во Скопје. Преку совети и препораки таа за читателите на ММС објаснува како да ја заштитиме кожата во овој период од годината.

-УВ зрачењето може да стане непријател на кожата, па и на целиот организам. Луѓето треба да знаат дека не постои безбедна ултравиолетова радијација. Тука го потенцираме аспектот на штетни УВ зраци, кои во утринските и попладневните часови се со минимален интензитет, но штетните се поинтензивни во летните месеци, дури на повисоки надморски висини. Дури и во облачни и студени денови, не само за време на летото, овие зраци може да имаат влијание врз кожата. Комбинираната експозиција на УВ-А и УВ-Б зраци креира оштетувања. Во текот на целата година луѓето треба да се мачкаат со крема, бидејќи и сега во пресрет на официјалниот почеток на летото, интензитетот е висок, а и веќе не се носат маски, вели професорката.

И додека шетате заштитете ја кожата со средство за блокада на УВ зраците

Секојдневните прошетки, советува докторката, треба да бидат во претпладневните и попладневните часови, но ако мора да се излезе во некој период помеѓу, треба да се користат квалитетни креми со широк спектар на дејство за блокирање на УВ зраците со најмалку 30 или 50 плус СПФ.

„Треба средството да се нанесе половина час пред да се излезе надвор и во доволна количина на сите откриени делови од телото. Ако индивидуата престојува повеќе од 2 часа надвор треба да се повтори постапката. Ако е за на плажа, задолжително после пливање да се повтори“, потенцира д-р Зафировиќ.

Сепак, таа нагласува дека кога некој користи средство за заштита на кожата, тоа не значи дека може безгрижно да се изложува на сонце по неколку часа.

„Заштитената кожа треба во ограничен период да биде експонирана на сонце, но освен тоа треба да се носи заштитна гардероба и капи, шешири за заштита на лице и глава“, објаснува Зафировиќ.

Со оглед на тоа дека граѓаните веќе почнаа да ги користат годишните одмори и да одат на плажа, нашата соговорничка препорачува да избегнуваат сончање во периодот од 11 до 16 часот. Во најтоплите денови, на плажа се препорачува да се оди дури и по 17 часот.

„Особено повозрасните и децата треба да се заштитат од прекумерно сончање бидејќи нивната кожа е многу тенка и брзо гори, а и за малечките до 1 година се препорачува да не се изложуваат директно на сонце“, вели Зафировиќ.

Солариумот носи потенцијални опасности

Докторката констатира дека за младите потемниот тен е поатрактивен, но солариумот како начин да се дојде до него е штетен за кожата.

„Ние забрануваме сончање во солариум, но ако некој одлучил да оди, треба да е свесен дека постојат потенцијални опасности. Во светот има и законските регулативи со кои е забрането влегување на млади до 18 години во солариум. Ламбите за сончање во солариумите емитираат многу повисоки дози на УВ-А зраци кои се многу појаки и дерматолозите не ги препорачуваат. Научните студии посочуваат дека употребата на солариум во младоста го зголемува ризикот од меланом за 75 проценти“, истакнува докторката.

Таа вели дека ова се однесува само на вештачката УВ радијација и додава дека СЗО ги потврдува овие зраци како канцероген фактор. Сепак, нагласува дека кремите за самопотемнување немаат лош ефект.

Додека изложувањето на сонце со одење на плажа се смета за намерна експозиција на сончевите зраци, како таква се смета и работењето на дел од луѓето. Тие исто така треба да внимаваат и да бидат заштитени, поради природата на нивната професија.

„Тоа е таа професионална експозиција, каде спаѓаат градежните работници, земјоделците, морнарите..сите кои работат на отворено. Важно е да се овозможи заштита на кожа“, појаснува Зафировиќ.

Таа потсетува дека високиот заштитен фактор го има во многу современи козметички производи, како балсами за усни, па и течни пудри за лице.

„Усните треба да се заштитат со балсами кои содржат висок заштитен фактор. Квалитетните кармини исто така содржат заштитен фактор, па и шминката воопшто. Дали станува збор за пудра или кармин сепак тие содржат заштитни фактори и нема ограничување занивно користење, но само ако зборуваме за дерматолошки тестирани козметички производи“, истакнува Зафировиќ.

„Освен течна пудра, во последно време кај дамите се актуелни ББ и ЦЦ кремите, но тие се соодветни за користење при професионалните активности. Ако се работи за рекреативно изложување на сонце, тогаш сепак подобро е да се користи конкретно средство за заштита на кожата“, додава дерматологот.

Таа советува во случај на рекреативно изложување на сонце – спортување, движење, престој на плажа и планина, изборот на средства за заштита на кожата да биде дерматолошки.

„Луѓето треба изборот да го прават во аптеките. Да не бидат со хемиски филтри, туку со минерални заштитни филтри. Средствата за заштита на кожа со заштитни минерални филтри се посигурни за чувствителни кожи. Ние во суштина го дизајнираме средството за заштита индивидуално. Има за средства за масна кожа, за комбинирана, за сува…затоа ја прилагодуваме употребата“, поренцира докторката.

Таа додава дека постојат средства за заштита на кожата, кои се наменети за лице и за тело. Средствата за заштита на лице може да се користат за целото тело, а обратно не. Едно вакво средство може да биде фо форма на спреј или лосион.

„Хемиските средства веќе се напуштаат и имаме софистицирани состави на средствата за заштита, а фармацевтските компании секоја година произведуваат сѐ побезбедни производи кои не предизвикуваат алергиски реакции“, заклучува Зафировиќ.

 

Фото: Илустрација / Designed by Freepik

Вања Мицевска