Кризата предизвикана од ковид-19 ги изнесе на површина структурните нееднаквости и слабостите на пазарот на труд, погодувајќи одредени групи работници посилно во споредба со други. Работниците со ниски плати, работниците од неформалната економија, домашните платени работници и неплатените семејни работници се меѓу најпогодените во однос на загубите на работните места и приходите. Ова е заклучокот од денешната дебата насловена „Ранливите работници по корона-тобоган“.
Настанот го организираше Институтот за економско истражување и политики Фајнанс тинк, чија вкрстена анализа на петте групи работници покажува дека вкупната загуба на работни места за време на пандемијата од околу 7.5 илјади на годишно ниво е претежно кај работниците со ниски плати, од кои доминантен дел се неформални работници, а околу една третина се домашни платени работници.
Сепак, во текот на пандемијата забележани се две позитивни тенденции на пазарот на труд – нотира анализата.
Прво, згаснаа речиси 47 илјади нископлатени работни места, но тие не беа изгубени туку го надминаа прагот под кој едно работно место се смета за нископлатено (околу 13.000 МКД, според дефиницијата на МОТ), заради порастот на минималната плата и владините субвенции на придонесите за зголемување на плата воведени пред почетокот напандемијата.
Второ, и можеби позначајно, е наодот дека во текот на пандемијата биле формализирани над 14 илјади неформални работни места со цел искористување на дел од владините мерки за заштита на работните места, поконкретно мерката за субвенционирање на платите во висина од 14.500 мкд по вработен. Поради неизвесноста од пандемијата, формализацијата на работните места е најчесто со договори на определено работно време, што го потврдува и наодот дека во текот на пандемијата бројот на работни места со нестандардни договори за вработување се зголеми за повеќе од 7 илјади – констатираат познавачите.
Развојни наместо социјални мерки
Според нив, процесот на масовна имунизација дава надеж за спласнување на пандемијата, и оттука потребно е наклонување кон развојни, наместо социјални мерки.
Во иднина, евентуалното субвенционирање на платите како одговор на шокови од типот на ковид-19 неопходно е да вклучи и силна компонента за повторно вработување со цел намалување на обесхрабрувањето (деактивација) на оние што губеле работа.
Ваква мерка може да ја поддржи и формализацијата на работните места, барем преку нестандардни договори за вработување, што е многу значајно во постпандемискиот период. Пандемијата не` поучи дека е неопходно и реформирање на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со цел да има пошироко покривање на работници кои губат работа, кое ќе може автоматски да се активира барем во услови на шокови како пандемијата од ковид-19, се согласија учесниците на денешната дебата.
Тие порачаа дека носителите на политики треба да се насочат кон искористување на придобивките од формализацијата на работните места и да ги претворат во долгорочни користи. Препораките вклучуваат воведување стимулации за спречување повторна деформализација, поддршка на формализацијата на останатите неформални места, и регулација, но не прекумерна и во духот на социјалниот дијалог, на договорите за вработување на определено работно време.
На крајот, потребни се мерки и политики што ќе ја зголемат отпорноста на пазарот на труд со цел брза и навремена реакција во случај на идни шокови. Поефикасни политики и партиципативен дијалог помеѓу сите засегнати страни треба да се насочат кон ранливите и несигурни работници, за да се избегне можност за зголемување на нееднаквостите во иднина. Зајакнување на социјалниот дијалог, постојната регулаторна рамка, услугите за вработување и вештините на несигурните работници може да ја подобрат нивната вработливост и вработеност на сигурни работни места кои се помалку подложни на економските шокови – додадоа учесниците на дебатата.