Оние фанови кои резервираа влезници или кодови за карти за да ја следат македонската фудбалска репрезентација во Амстердам против домаќинот Холандија во третиот натпревар од Еуро2020, наидоа на ѕид од холандските здравствени власти.
Домаќинот потврди дека македонските навивачи не можат да патуваат во Амстердам на 21 јуни затоа што Македонија е дел од земјите кои се на црвената епидемиолошка листа.
„Во врска со претстојниот фудбалски натпревар помеѓу Македонија и Холандија, ве информираме дека забраната за патување во ЕУ за граѓани од трети држави (вклучувајќи ја и Македонија) е сѐ уште во сила. Може да патувате во Холандија само доколку спаѓате во една од категориите кои се изземени од забраната за патување“, стои во соопштението на холандската амбасада во Македонија.
Претседателот на Координативното тело кое ја афирмира македонската репрезентација и ги координира активностите за фановите, Наумче Мојсовски, за ММС изјави дека се изненадени од холандските власти затоа што мислеле дека ќе ги олеснат мерките како што тоа се случи со романските здравствени власти.
– Навивачите кои купија карти можат да одат во Амстердам, но мора да седат во 14-дневен карантин на свој трошок. Ако тргнат денес, ќе го пропуштат натпреваот Холандија – Македонија на 21 јуни поради карантинот. Ние ќе се обидеме преку УЕФА да направиме притисок и да реагираме со цел Холандија да ни дозволи да влеземе на Еуро2020. Да може да се влегува со негативен ПЦР-тест или со примени две дози на вакцината против Ковид-19. Не се откажуваме, се уште има надеж нешто да се направи – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Ако не се олабават мерките Македонија на 21 јуни ќе може да ја гледаат само македонските граѓани кои живеат во земјите од ЕУ и во некои земји кои не се членки на ЕУ како Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн, Исланд и Монако.
За разлика од Амстердам, домаќинот во Букурешт разгледува дали да го зголеми капацитетот на Националната арена која засега според протоколите ќе може да прими само 33% од капацитетот или 13.000 навивачи.
Најновата вест во Романија е дека можно е да се пуштат 18.000 гледачи, 3.000 повеќе од потврденото. Тоа би значело дека Македонија ќе ја бодрат повеќе од 2.000 фанови кои досега обезбедија карти преку ФФМ и УЕФА.
Орце Костов
фото: ФФМ, Влада