Протест најавија за 25 јуни, жителите од Поречје. Со децении бараат , но никако да им се реши проблемот за изградба на регионален пат со кој Поречкиот крај ќе се поврзе со Скопје, можно е и блокирање на локалните избори. Според информациите од Министерството за транспорт и врски, пат најверојатно нема да добијат и оваа година, затоа што не е ставен во програмата а според надлежните не е ни во списокот на приоритетни патишта.
Граѓанските здруженија од поречкиот регион и повеќе совети на месните заедници во рамките на општината, со неколкучасовна блокада на регионалниот пат 1106 во правец на село Батинци спрема шумскиот резерват „Јасен“ и на патот од селото Нова Брезница до браната Козјак, ќе го изразат своето незадоволство. Исто така во знак на протест ќе биде блокиран и булеварот „Борис Трајковски“ пред раскрсницата со улицата „Јустинијан Први“ во насока на село Драчево.
„Досега во повеќе наврати поднесовме барања а одржавме и средби со надлежните институции во врска со нашето барање за решавање на овој за нас исклучително важен проблем. Како што е познато од Скопје до Самоков и многу околни села сé уште се стигнува само низ резерватот Јасен и тоа само во три термини во лето и два во зима. Трасата долга 16,5 километри се вози по необезбеден пат широк само 2,5 метри и овој пат е прогласен за регионален пат кој ни најмалку не ги задоволува стандардите и е крајно ризичен за сообраќај на моторни возила со таков интензитет. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 км преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај инаку гравитираат 45 села и шест викенд населби, кадешто постојано се градат викенд куќи,“ вели Горан Ѓуровски претседател на здружението „Поречки средби“.
Жителите се револтирани затоа што иако со изградба на акумулацијата Козјак беше најавено пробивање две траси покрај езерото, со што би се решил деценискиот проблем и ќе се остварат елементарните човекови права на жителите од Поречието, ова остана само на хартија.
Постоење основна инфраструктура е од исклучителна важност за социјалниот и економскиот развој на општината Македонски Брод, особено за развој на туризмот, за што има навистина сериозни претпоставки.
„Укажавме дека непостоењето регионален пат резултираше со масовно иселување на жителите во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и Гостивар, а најмногу во странство што предизвика целосно замирање на стопанскиот и социјалниот живот во овој регион. Од овие причини Општината Македонски Брод е една од најзапоставените и најнеразвиените општини, што исто така резултираше со големо осиромашување на населението,“додава Ѓуровски.
Според информациите од Влада, Поречани сепак ќе останат без посакуваниот пат.
Овој регионален пат не е во програмата за оваа година, а не е и ниту во приоритетната листа.
„Ви посочуваме дека во годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта за изградба,реконструкција, рехабилитација,одржување и заштита на државните патишта за 2021 година не се предвидени финансиски средства за изградба на делницата од бараниот патен правец.
Јавното претпријатие за државни патишта веќе има отпочнато постапки за изградба и довршување на проекти на патишта со приоритет со многу повисок просечен годишен дневен сообраќај во однос на споменатиот пат,„ се вели во одговорот на нашето прашање од Влада.
Сепак Поречани не се откажуваат. Од здружението „Поречки средби“ велат дека жителите во рамките на општината Македонски Брод ќе ги бојкотираат претстојните локални избори закажани за октомври оваа година, со што ќе го изразат огромниот револт спрема Владата и институциите кои мораат, а немаат слух за реалните потреби на граѓаните во насока на подобрување на условите на живот и работа.
Фото: Фејсбук / Убавините на Поречје
В. Кр