Премиер Лигата ги казни своите „суперлигаши“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/21 7:44 PM

Премиер Лигата ги казни своите „суперлигаши“

„Екскурзијата“ на шесте топ премиерлигашки екипи во проектот кој не го виде светлото на денот, а беше причина за мини-револуција помеѓу навивачите ширум Европа, не остана несанкционирана и без никакви крајни последици.

УЕФА засега е на „стендбај“, иако најави казни за сите основачи на Европската Супер Лига, особено за оние кои цврсто се држат до идејата како Јувентус, Барселона и Реал Мадрид, но затоа најдобрата светска клупска лига не остана имуна на случувањата од пред нецели два месеци.

Манчестер Сити, Челзи, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Арсенал и Ливерпул, денес постигнаа договор со Премиер Лигата кој ги обврзува да платат заедно 23 милиони евра. Сумата што ќе стигне на сметката ПЛ веднаш ќе биде пренасочена кон локални фудбалски проекти и дополнителен развој на фудбалот во колевката на оваа игра.

Дополнително, доколку во иднина овие шест тимови се одлучат на ваков или сличен чекор, ќе бидат казнети со одземање по 30 бодови во домашното првенство.

Деветте клубови без Реал Мадрид, Јувентус и Барселона, претходно прифатија да се откажат од пет отсто од приходите од натпреварувањата на УЕФА во една сезона и заедно да донираат повеќе од 15 милиони евра за поддршка на младинскиот фудбал во Европа.

 

 

 

Фото:

Twitter