Рациновото признание во рацете на Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/21 3:51 PM

Рациновото признание во рацете на Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“

Жири комисијата во состав Христо Петрески (претседател)  и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку, одлучи престижната награда Рациново признание за 2021 година да му се додели на писателот Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски во својство на претседател на Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ ги соопшти одлуките за доделување на Рациновото и Почесното Рациново признание за 2021 година.

„Новиот роман „Теорија за кучешка година“е шести по ред роман на авторот кој се определува за исповедна наративна стратегија. Романот е компониран според драмски урнек и поседува проложен, исповеден и завршен дел. Во овој невообичаен по многу нешта роман е сместен еден човечки живот преку врамување на спомените од заедничките и личните судбински нешта“, истакна претседателот на жири комисијата Христо Петрески.

Добитникот на Рациновото признание се заблагодари на жирито и на Општина Велес за наградата и рече дека огромна чест е затоа што наградата ја добива во сериозна конкуренција од 27 книжевни дела, кои пристигнале на конкурсот за Рациново признание.

„Ми претставува особена чест што ја добив оваа голема награда особено поради тоа што е во чест на големиот Кочо Рацин. Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација претставува еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме ние вљубениците на пишаниот збор“, истакна Милован Стефановски.

Почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура, надвор од границите на Македонија и се додели на Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист од Руската Федерација.

„Престижната награда ја добива за нејзината промоција на македонски јазик, книжевност и литаратура како редовен професор на Московскиот Државен Универзитет „Ломоносов“. Ала Шешкен е автор на повеќе од 200 научни трудови од областа на македонсистиката и славистиката објавени во Русија и во други држави.

Наградите на овогодинешните добитници ќе им бидат врачени на свечена церемонија што ќе се одржи во сабота во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, по повод 58. Рацинови средби, во чија чест ќе се одржи претставата „Петтото годишно време“.

Педесет и осмите Рацинови средби ќе се одржат на 11 и 12 јуни 2021 години на повеќе локации во градот, а главната свеченост ќе се одржи на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

О.К.

фото: Општина Велес