Пејачка, докторка, а од неодамна и горда мајка на своето прво дете. Симона Попоска ја изненади јавноста кога објави дека е во блажена состојба и го очекува своето прво дете со својот избраник Крис Поповски. Тие стапија во брак во 2018 година, а свадбата се одржа во еден струшки хотел на брегот на Охридското езеро. И кога сите мислеа дека атрактивната пејачка паузира од музичката сцена поради пандемијата и се посвети на медицината, таа изненади со фотографија на која го покажа трудничкото стомаче и откри дека ќе стане мајка. Симона за ММС вели дека чувството да се биде мајка не може да се опише додека не се почувствува, сега има една работа и тоа најдобрата на светот. Вели дека своето дете ќе го воспитува да знае да љуби, почитува, верува и да биде добра личност.
Пред еден месец стана мајка и доби синче. Какво чувството да се биде мајка, да се има чувство како целиот свет да го држиш во раце?
-Да се биде мајка е најголемиот благослов, чувството воопшто неможе да се опише додека не се почувствува. Особено чуството кога го гледате своето дете за прв пат. Тоа е сосема нова љубов која неможе да се почувствува претходно.
Колку ти се смени животот и приоритетите?
-Тоа што станав мајкa ми даде сосема ново значење. Да животот ми се смени бидејќи сега имам уште една работа и тоа најдобрата на светот. Моето дете ме прави да бидам уште посилна и подобра личност тоа ми се новите приоритети .
Кога објави дека се породи, сите беа изненадени, бидејќи вешто го криеше тоа од јавноста. Обично мајките веднаш сакаат да се пофалат дека се во блажена состојба, а ти го криеше тоа. Зошто? Поради суеверија или нешто друго?
-Од секогаш сум била личност која не зборува и открива за својата приватност. Па така беше и во овој случај. А за тоа придонесе и самата ситуација со корона вирусот, немавме настапи ни медиумски гостувања. Да, беше поразлично време сигурно дека ќе се дознаеше и порано. Јас не се криев секако дека шетав колку што се можеше и работев . Но како што кажав самата ситуација налагаше да се биде дома. Не сум човек што верува во суеверија, верувам дека се е господова работа како што треба да биде така и ќе биде. Но, сепак изненадувањата се најслатки нели.
Со оглед на тоа дека бременоста ја помина во време на пандемија, колку се плашеше за себе и за бебето?
-Ситуацијата беше таква што и да не бев во блажена состојба, страв секако дека ќе постоеше особено со самите муатации на вирусот кои брзо се ширеа. Почитував мерки, но сигурно дека ќе беше многу пооубаво и порелаксирано да беше се нормално .
Како ти помина породувањето, какво искуство е за тебе? Дали посебно се подготвуваше околу тоа и кој ти ги даде најдобрите совети?
-Најдобрите совети од моето семејство, особено мојата сестра која е доктор специјалист по гинекологија, што навистина беше голема помош за мене. Нема посебна подготовка, тоа е момент во кој се соочувате со непознато и ново за вас, а сте доста храбри и силни бидејќи на свет ќе донесете нов живот. Секако од големо значење беше целиот тим доктори кои ми ја водеа бременоста, како и самиот пораѓај кој што беше природен.
Бидејќи ова ти е прво дете, како се снаоѓаш околу обрвските, кој најмногу ти помага?
-За сега одлично се снаоѓам, добра организација и се е полесно. Најмногу ми помага сопругот и моето семејство .
Колку бременоста го смени твоето тело? Колку се здебели?
-Па не многу бидејќи цела бременост се движев, тоа и им го препорачувам на сите- движење и нормално функционирање. Се разбира ова го зборувам доколку е се во ред. Се здебелив 12 килограми со тоа што имав здрав начин на исхрана но без некои посебни режими.
Иако е рано, но, сепак, на кои вредности ќе го учиш и воспитуваш твоето дете?
-Основната е да знае да љуби, почитува, верува и да биде добра личност. За другото сепак тој е сопственик на неговиот живот и ќе има свои патишта кои немора да бидат врзани со нашите желби и очекувања.
Дали после породилното отсуство, ќе се вратиш на пеењето или на медицината?
-И на пеењето и на медицината. Секогаш кажувам дека не можам ни без едно ни друго. Комплетна сум кога пеам и лекувам.
Моника П.Насковска