Интензивирање на средбите со бугарските власти пред јунскиот Самит на ЕУ, најави Заев – ММС
ММС

Објавено на: 06/6/21 12:34 PM

Интензивирање на средбите со бугарските власти пред јунскиот Самит на ЕУ, најави Заев

Премиерот Зоран Заев најави интензивирање на средбите со бугарските власти во насока на постигнување решение за спорот со Бугарија, пред јунскиот самит на Европската Унија, за кој постои оптимизам дека ќе биде дадено зелено светло за одржување на првата Меѓувладина конференција.

Во периодот до 22 јуни ќе се одржат многу состаноци. Тука е самитот во Анталија на 17 јуни, но како можност за средби со бугарските претставници го посочи и самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни.

Според Заев интензивирањето на состаноците и приближувањето до решение, може да биде од помош, за како што рече, „тоа гласно ДА“, кое се очекува на 22 јуни за одржување на првата Меѓувладина конференција.

„Пред нас е мегдан, значаен период, верувам дека можеме да ги искористиме до максимум сите можни средби за да постигнеме евентуален успех, нагласи премиерот.

Северна Македонија и Бугарија ги приближуваат позициите врз основа на португалскиот предлог за решавање на спорот, кој неодамна им беше презентиран и на двете страни. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека предлогот е штетен и е планирано бугарската декларација да стане дел од преговарачката рамка и бара од Заев да каже дали на маса е таа декларација, со која се негираат македонскиот идентитет, историја и јазик. Обвинува и дека се водат тајни преговори со Бугарија и бара одговор за тоа дали е точно дека Заев ги прифаќа бугарските позиции.

„Апелирам за трезвеност затоа што илјада пати потврдивме, додека стоеше до мене потпретседателот на ЕУ Борел, или Тимерманс или претседателката Фон Дер Лајн или кој било од луѓето кои се лидери во ЕУ, вклучувајќи и претседатели и премиери на земји членки на ЕУ, експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри ќе се знае за што е разговарано. Тоа е за 18 дена од денеска, порача вчера Заев.