Отворена новата директна линија Скопје-Москва: Пристигна авионот на „Нордвинд“ – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/21 4:44 PM

Отворена новата директна линија Скопје-Москва: Пристигна авионот на „Нордвинд“

Воздухоплов од типот Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта, попладнево во 16:50 часот пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје со што и официјално е воспоставена директната нова редовна линија Москва – Скопје на која сообраќа руската авиокомпанија  „Нордвинд ерлаинс“.

Летот траеше 3 часа и 25 минути. Засега директната линија ќе биде еднаш неделно, во петок, но „Нордвинд“ планира дополнителни два лета неделно, односно авионот Москва-Скопје да сообраќаат три пати неделно.

-Ова е прва воздушна линија и директно поврзување меѓу главните градови на Северна Македонија и Русија по 20-ина години. Почнувајќи од денеска „Нордвинд“, ќе лета еднаш неделно, секој паток од Меѓународниот аеродром „Шеремјетво“ во Москва до Меѓународниот аеродром во Скопје. Оваа авиолинија ги обновуваме можностите за унапредување на соработката во економијата, инвестициите, туризмот и културните врски меѓу двете земји, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по слетувањето на авионот.

Според него, најавени се летовите и до Барселона, Малта, Ларнака, Париз, Осло, Милано, Тревизо и Рим.

-Очекувам дека со постепеното олабавување на мерките од КОВИД пандемијата како во земјава, така и во другите држави во кои имаме воспоставено летови, наскоро ќе го вратиме авиосообраќајот на ниво на кое беше изминатите години кога бележевме рекорден број превезени патници на домашните аеродроми, потенцира министерот.

Отворањето на новата авиолинија ја поздрави и директорот на ТАВ Македонија, Метин Батак.

-Многу сме среќни што „Нордвинд“ одлучи да почне со летови на релација Москва – Скопје, отворајќи ја првата воздушна врска меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација по 20 години пауза. Силно веруваме дека оваа досега неопслужена авиолинија има голем потенцијал и дека ќе биде од огромна корист за бизнис патниците и за туристите, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак по слетувањето на авионот на Скопскиот аеродром.

Според него, новата авиолинија Скопје – Москва е и прва авионска врска со Источна Европа.

-Во време кога авијацијата на глобално ниво трпи од КОВИД – кризата влезот на „Нордвинд“ на македонскиот пазар е сигнал дека доаѓаат подобри денови. Се надеваме дека патниците од Русија ќе ја откријат Северна Македонија како нова дестинација за патување, додека Македонците ќе ја искористат можноста да ја посетат Москва, еден од најголемите главни градови во светот со пејзажи како од бајките, богата историја и култура. Летовите меѓу двата града сигурно ќе ги унапредат и деловните односи меѓу двете земји, напомена директорот.

Претставникот на „Нордвинд“ Глеб Богданов напомена дека има голем интерес за новата директна линија Скопје-Москва, а дополнително атрактивен го прави овој лет, како што рече, тоа што во земјава не се потребни визи за руските граѓани.

На отворањето на новата авиолинија присуствуваше и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.

МИА