ФФМ со 350.000 евра ќе го реконструира помошниот терен во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 06/2/21 2:52 PM

ФФМ со 350.000 евра ќе го реконструира помошниот терен во Велес

Со финансиски средства во висина од 21.157.266 денари или околу 350.000 евра што ги обезбеди Фудбалската Федерација на Македонија комплетно ќе се реконструира помошното фудбалско игралиште на Градски парк во Велес.

Ќе се постави нова подлога на теренот, ќе се посее природна трева, автоматски систем за полевање, а ќе се изградат и нови покриени трибини со капацитет од 1125 гледачи.

Реконструкцијата на помошното фудбалско игралиште денеска ја најавија претседателот на Општинскиот Фудбалски сојуз Велес и потпретседател на Фудбалската Федерација на Македонија Лазар Ракиџиев, претседателот на ФФМ Муамед Сејдини и градоначалникот Аце Коцевски.

– Сакам да се заблагодарам на сите велешани, на Фудбалскиот клуб Борец, за поддршката што ја имавме од градоначалникот на Општина Велес околу проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште. Ова игралиште ќе добие сосем нов лик, рече Сејдини.

Проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште ја изработи Општина Велес со финансиски средства во висина од 200.000 денари. Рокот за реконструкција е една година.

– Се надевам дека Општината ќе изнајде решение да поставиме урбана опрема-соблекувална која ќе ги задоволува стандардите за да може на овој терен да се играат прволигашки натпревари, рече Ракиџиев.

Ова е значајна работа за нас затоа што Велес е познат како фудбалски град. Се надевам дека во значителна мера ќе ги подобриме условите за тренирање почнувајќи од најмладите генерации па до одигрување на врвни натпревари. Се надевам дека на овој терен ќе ни гостува и фудбалската репрезентација на некои подготовки. Исто така се надевам дека од овој тревнат терен ќе произлезат млади таленти и ќе играат за Борец и во другите клубови“, истакна Коцевски.

Орце Костов

фото: Општина Велес