Данската тајна служба им помагала на американците да ја шпионираат Меркел и други европски политичари – ММС
ММС

Објавено на: 05/31/21 12:12 PM

Данската тајна служба им помагала на американците да ја шпионираат Меркел и други европски политичари

Данската тајна служба (ФЕ) и помагала на американската Агенција за национална безбедност (НСА) да ги шпионира европските лидери, открива европска медиумска истрага.

Меѓу оние кои се шпионирани се германската канцеларка Ангела Меркел и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер .

Дека САД ги шпионирале не само своите граѓани туку и лидерите на странски земји, за прв пат почна да излегува на виделина во 2013 година, кога поранешниот разузнавач Едвард Сноуден, вработен во НСА, откри дека Агенцијата го прислушкувала телефонот на Меркел, но Белата куќа тогаш ги демантираше ваквите наводи.

Новите откритија се резултат на повеќе европски радиодифузери (данскиот ДР, германскиот НРД, шведскиот СВТ, норвешкиот НРК и францускиот Ле Монд) кои добиле пристап до внатрешните извештаи и информации на данските тајни служби.

Деталите од истрагата покажуваат дека на мета на американската НСА, која имала помош од данската тајна служба, биле политичари од Германија, Шведска, Норвепка, Холандија, Франција, па дури и дански министерства и финансиската индустрија.

Шпионирањето првенствено се вршело преку „киднапирање“ на данските системи за електронски комуникации, знаејќи дека земјата има низа станици за подводни интернет кабли меѓу бројни земји, по што биле пресретнувани пораки и телефонски разговори.

Данската влада наводно со години знаела за соработката меѓу двете тајни служби, а откако го открила целосниот обем на врската по спроведена внатрешна истрага,  го принудила раководството на ФЕ да се повлече од функцијата во 2020 година.

Сепак ваквите наводи никогаш не ги пријавиле до сојузниците во Европската Унија.

Сноуден кој ги изнесе своите сознанија за американската Агенција за национална безбедност додека Бајден беше потпретседател на САД, вели дека актуелниот американски претседател е добро подготвен да одговори на обвинувањата.

– Бајден е добро подготвен да зборува за ова кога ќе ја посети Европа, бидејќи самиот е длабоко вмешан во скандалот. Би требало да постои изречно барање за целосно објавување на информациите, не само од Данска, туку и од нивниот постар партнер, напиша Сноуден на Твитер.

Како одговор на ваквите експлозивни извештаи, норвешкиот министер за одбрана, Френк Баке-Јансен, рече дека „сериозно ги сфаќаат обвинувањата“, додека пак шведскиот министер за одбрана, Питер Хултквист, рече дека ќе бара „целосна информација за овие работи“.

Засега ниту НСА ниту данската разузнавачка служба немаат дадено коментар.

Поранешниот германски опозициски лидер и ривал на Меркел, Пер Штајнбрук, на кого наводно исто така му биле следени комуникациите, за германскиот радиодифузер АРД изјавил оти смета дека ситуацијата е „скандал“.

– Гротескно е што пријателските разузнавачки служби навистина пресретнуваат и шпионираат високи политичари на други земји, вели Штајнбрук.

 

извор:рт.ком