Јордан Ѓорчев некогаш го знаеја како градоначалник на Свети Николе, пота негов знак за распознавање стана Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович“. Но, и покрај тоа крај неговото име стојат запишани многу трудови и романи, од кои последниот е „Господинот М“. Дел од неговиот живот е и сликарството и цртањето карикатури, нешто што можеби сега е подзаборавено, но некогаш имаше вредност и беше на цена. Во негвата животна приказна ќе стои запишана и средбата со светскиот лидер Путин, која многумина ја посакуваат, но нему, поточно на петмина светиниколчани има успеа. Затоа разговорот за ММС со Ѓорчев го почнуваме токму од тука.
-Средбата со Путин беше необична. На препорака на организацијата „Жените на нашиот град“, која има околу три милиони членки, пред неколку години престојувавме во Русија, по повод денот на народното единство во 2011 година. Таа прослава ја прави државата и во рамките на прославата се организираат свечености. Ние бевме поканети од тамошниот Славјански универзитет и заминавме јас, како претседател на Управниот одбор со музичката група која работи во рамките на Универзитетот. На манифестацијата имаше учесници од многу држави, но на прославата, која се организираше потоа имаше само 10 странци, од кои пет бевме ние од Свети Николе. Кога тргнавме немавме поим дека толку ќе не пречекаат и испочитуваат. Отидовме во Москва и потоа со еден од претседателските авиони летавме за Нижниј Новгорад, каде се одржуваше настанот. Беше строго забрането да се разговара со Путин, но, сепак, успеавме 2-3 минути да позборуваме и да се сликаме. Во тоа време Путин беше премиер, а ние бевме на покана на Медведев, тој беше тогаш претседател на Русија. Таму беа и рускиот поглавар и други претседатели на руски републики. Средбата беше протоколарна. Јас му пријдов ама сите го искористија моментот да се сликаат. Го прашав дали се согласува да се фотографира со македонската делегација и тој ми рече- Како да не, нема никаков проблем. И додека јас да ги повикам членовите на нашата музичка група, сите застанаа да се сликаат. На таа средба немаше ниеден случаен човек. Ние бевме на ручекот само два часа.
Кога се одлучивте за овој бизнис, како се случи Славјанскиот Универзитет?
-Славјанскиот универзитет е де факто комбинација на една идеја за современ универзитет и на нашата традиција, дека најстариот славјански универзитет потекнува од Македонија. Ние кога учиме сите викаме дека најстариот славјански универзитет е во Охрид од времето на Климент Охридски. И нашите државни Универзитети се на некој начин следбеници. Ние имаме партнери од Русија, но овие денови треба да се реализираат три програми со Универзитетот од Велико Трново, односно имаме заеднички програми. Сите универзитети ќе бидат во некаов вид заедници и сите универзитети ќе си бараат свои партнери според сензибилитет и според интересите кои ги имаат. За нас ова е универзитет со кој можеме да работиме, а и работиме повеќе од пет години. Наш прв партнер е државниот Универзитет „Гаврило Романович“ од градот Тамбов и имаме заеднички програми, имаме со нив двојни дипломи, а имаме и договор со Љубљанскиот универзитет.
Зошто овој Универзитет? Зошто руска, а не западна школа?
-Советските универзитети по ништо не остануваат зад другите. Руските универзитети се врв во многу работи. И југословенскиот систем беше поставен по нив и нам многу поблиски ни се тие модели на школство отколку западните. Но, не беше тоа главната причина, просто се случи, такви беа контактите. Прво имавме идејата да биде само вонредно и дописно школување, но поради определени законски околности видовме дека тоа е многу тежок модел на студирање, а и проблематичен околу признавање на диполомите. Затоа сега сме де фкто Македонски Универзитет кој има многу добри контакти и двојни програми со неколку универзитети и по тоа мислам дека сме единствени.
Имате дипломирано на Правниот факултет, сте магистрирале психологија и политички односи, сте докторирале економија и социјално управување, но и покрај тоа во душа сте уметник, цртате карикатури и пишувате книги, досега имате издадено неколку книги, но и книга со карикатури.
-Јас сум карикатурист уште од средно и кариркатурата за жал сега нема добар општествен статус, меѓутоа моите карикатуури се пристојни и на светско ниво. Многу се оригинални. Стилот и хуморот кој го негувам не може да се копира, тоа е оригинален и непофторлив. Некому може да му се допаѓа, некому не, но тоа е тоа. Како и во поезијата. Јас се занимавам и со пишување, член сум на Друштвото на писатели. Сега излезе мојот краток роман „Господинот М“. Реално не е само тоа, јас се занимавав и со новинарство и со сликарство. Сега највеќе уживам во правење на карикатурите, мојот фан пејџ го посетуваат повеќе од странство, од Индија, Бугарија, Германија, Србија, отколку од Македонија. Карикатурата е голема уметност и сите држави, како Индија на пример или Америка, имаат по милиони луѓе кои се занимаваат со карикатура. Тоа е и професионален интерес, забележувм дека особено на Инстаграм се повеќе млади автори се занимаваат со карикатури.
Од каде црпете инспирација за книгите?
-Не знам дали тоа воопшто може да се објасни, тоа просто ти доаѓа. Го пишуваш тоа што го мислиш и мислиш дека тоа што го пишуваш е многу важно. Секој автор претпоставувам дека тоа чувство на создавање прво го прави радосен. Битен е процесот на создавање. А потоа процесот на пласирање е сосема друга работа. Мислам дека некаде е исто секој уметник како и секој работник, станува наутро мисли дека треба да направи нешто, а потоа ќе види дали тоа што го направил било генијално или слабо. Тоа е секојдневна работа, пишуваш, црташ а резултатите другите ќе ги кажат.
Колку наоѓате време за себе, работите, пишувате, цртате, а за се тоа треба време?
-Мене реално најмногу ме оптоварува пишувањето научни текстови, ова другото ми е релаксација. Наскоро ќе излезе една моја книга која се занимава за економскиот интерес на индивидуата, една многу ретка тема во економијата, тоа е всушност преработена моја докторска дисертација. Многу малку или воопшто во теоријата на економијата е пишувано за економскиот интерес на индивиидуата од аспектот кој јас го обработувам. Македонија мислам дека практично нема такви трудови. Тоа е многу поодговорна, потешка и понезабавна работа да се прави отколку другите мои литературни пишувања. Таму имаш огромна слобода, може стилски нема да му се допадне, може изразот, но во науката треба многу поточно и попрецизно, може да дојде до несакани преклопувања во цитати или користење на туѓи мисли без да си свесен за тоа.
Бевте дел од политичкиот живот во Македонија, бевте градоначалник на Свети Николе. Што е она што успеавте да го направите за Свети Николе биде подобар град за живеење, а што не успеавте? Која е разликата да се биде градоначалник пред 20 години, а која е сега?
-Не се споредува тоа време и сега. Тоа беше пред 20 години и тогаш беше друго време. Мислам дека сега градоначалниците имаат многу поголема финансиска моќ, многу поголема самостојност. Тогаш градоначалниците беа просто слаби политички фигури, немаа економска и политичка моќ и колку и да се креативни во целата таа номинклатура на надградувања беа една од пониските државни службеници. Сега се е поинаку, многу се понезависни, имаат многу поголеми буџети, креативноста може да им дојде до израз многу повеќе, ама во принцип тоа не значи дека мора да се биде успешен. Во вакви околности многу градоначалници промашија во своите улоги. Мислам дека беше многу поодговорно тогаш, имам чувство дека сегашните не се толку одговорни отколку што ние бевме на времето. Не лично јас, туку општо зборувам. Тогаш бевме поодговни и поконтролирани и по општествено ангажирани. Сега веќе градоначалниците се мали политички богови во своите општини. За жал советниците не ги контролираат, бидејќи обично се или претседатели на партии или некои миленици и мислам дека реално градоначалниците сега имаат многу поголема политичка и реална моќ отколку што ние имавме.
Вие како човек со политичко искуство може ли да направите една споредба околу разликата на политиката на водење на градовите и државата во 90тите кога сте биле дел и сега кога сте толку години надвор.
-Сега воопшто не се занимавам со политика, не дека сум аполитичен и не знам што се случува, просто немам никакво влијание и тежина. Кога би кажувал политички ставови нема инструмент како да биде важен. Но, можам како граѓанин да кажам дека разликата е огромна. Сега државата реално е многу поинаку поставена од тоа што беше. Ние тогаш излеговме од еден систем, уште излегувавме. Администрацијата беше многу попрофесионална и поодговорна. Уште имаше последици од големата држава којаимаше изградено многу добар систем на организирање. Сакале ние да признаеме или не тие драматични политички и партиски вработувања без соодветно квалитетно преиспитување на луѓето кои ќе бидат вработени не може да доведе до квалитетна администрација, А ние имаме најголем проблем со инвестициите од странство. По мое мислење само во тој дел, кога странскиот инвеститор доаѓа мора да се соочи со перфекна администрација која недвосмислено ги води процесите во таа инвестиција. За жал ние секогаш и ден денес ги одлагаме работите, се преиспитуваме. Таа неодлучност во луѓето кои ја водат државната администрација ги разочарува инвеститорите. Тоа е мое мислење и јас тврдам дека е така. Не може процесите да траат по неколку години и тоа го тера секој инвеститор да се предомислува. Дали би вложувал и што може да очекува, каква заштита, колку правниот систем е конзистентен во тоа дека неговата идеја која ја замислил ќе биде заштитена.
На крајот што му недостасува на Свети Николе?
-Јас мислам дека во принцип сме задоволни сега моментно со состојба во Свети Николе, бидејќи ако е поинаку ниту јас ниту Универзитетот не би живееле во Свети Николе, односно покрај Свети Николе. Не сум многу запознаен со сите работи. Но, без оглед на што и да му недостасува Свети Николе е перспективен град поради местоположбата во која се наоѓа. Може ќе му недостасува подобрување на инфраструктурата, јавната хигиена, но тоа не е доминантната работа. Свети Николе сега е ставено во една позиција кога ќе му треба добар визионерски лидер кој ќе знае да ги искористи овие коњуктурни состојби кои се случија со автопатот, со близината на градовите и аеродромот и со големината на Овче Поле. Сепак, тоа е огромен потенцијал и ако се најде човек кој ќе ги искористи мислам дека Свети Николе може да биде многу, многу добар град за живеење. Па јас и затоа сум останал да живеам во Свети Николе…
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски