Учениците нема да добијат свидетелства ако на наставниците не им се исплати прекувремената работа, предупредуваат од СОНК – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/21 3:18 PM

Учениците нема да добијат свидетелства ако на наставниците не им се исплати прекувремената работа, предупредуваат од СОНК

Учениците нема да добијат свидетелства за крај на учебната година доколку наставниците не ги добијат надоместоците за прекувремената работа во време на пандемија. На ова денеска предупредија од СОНК и најавија штрајк доколку до први јуни нивните барања не се исполнат.

Претседателот на СОНК, Јоаким Неделков, на денешната прес конференција истакна дека институциите на системот не го препознале зголемениот обем на работа на наставниците во време на пандемија и игнорантски се однесувале кон нив и потребата за исплаќања на овој додаток на плата.

– Во период на пандемија се донесе нов план за реализација на наставата во основните и средните училишта, по протоколи кои ќе не штитат од ковид-19. Согласно тие протоколи сите паралелки кои броеа поголем број ученици се поделија на две групи, односно една работна група не смее да биде поголема од 15 ученици. На тој начин двојно се зголемува работата на наставниците и согласно Законот и Колективниот договор треба да имаат надокнада за зголемениот обем на работа, рече Неделков.

Тој истакна дека од МОН информирале дека тие имаат префрлено пари до локалните самоуправи за оваа намена, но вели за жал од информациите кои ги имаат од терен, ваквите средства не се исплаќаат.

– Во Куманово едно училиште има донесено одлука, директорот е информиран писмено за донесената одлука. Веројатно денеска или утре и другите училишта во Куманово и кумановско ќе донесат таква одлука. И во другите училишта ширум Македонија ќе постапат согласно нашите препораки и примерот од Куманово. Се работи за околу 50 училишта на национално ниво, тоа не значи дека се 50 општини, туку во една општина има повеќе училишта. Ова е лош пример на функционирање на правен систем, на правна држава, рече Неделков.

Освен во училиштата, Неделков информираше дека состојбата не е подобра ниту во градинките, бидејќи и таму воспитувачките и негувателките биле принудени да работат по осум часа.

Тој апелираше до сите локални самоуправи, училишта и МОН да најдат што побрзо решение за настанатиот проблем, во спротивно учебната година во голем дел на училишта нема да заврши.