Монструм со два куршума во чело го убил кучето на комшијата – Каква е судската пракса во Македонија за убиство и малтретирање на животни – ММС
ММС

Објавено на: 05/27/21 7:00 PM

Монструм со два куршума во чело го убил кучето на комшијата – Каква е судската пракса во Македонија за убиство и малтретирање на животни

„На 24.05.2021 околу 21.00 часот во Полициската станица Прилеп, Ф.В.(47) од с.Крушејца, прилепско, пријавил дека неговиот сосед П.Т.(61) од Скопје, кој престојувал во с.Крушејца, со огнено оружје го усмртил неговото куче, по што го фрлил на непозната локација во атарот на селото. По извршениот увид биле пронајдени две чаури, а во разговор со полициски службеници П.Т. изјавил дека со два истрела го усмртил кучето на Ф.В. а потоа го фрлил надвор од населено место. Тој го предал користеното огнено оружје, автоматска пушка марка „Застава М 72“, кое го поседувал без дозвола. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи.

Овој грозоморен чин на ладнокрвно убиство на животно не е прв во Македонија, но можеби нема да биде ниту последен затоа што праксата на казнување кај нас е изрекување на парични казни, односно неизрекување на казна затвор за сторителот.

Македонски медиа сервис анализираше каква е судската пракса во кривичните или прекршочните постапки кај нас. Според Кривичниот законик тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Овој случај од пред три дена најверојатно ќе заврши со кривична пријава, но тоа можеби нема да биде доволно за затворска казна.

„Највисока казна во кривична постапка е таа за ловџијата Киро Димитровски што го малтретирал своето куче, односно на живо му сече опашка на своето куче додека друг ловџија го снима и заеднички уживаат во садистичкото дело. Казна од 3.000 евра му е изречена на овој ловџија. Затворска казна досега нема изречено досега„, велат од Анима Мунди, Здружение за заштита на животните.

Оттаму ги охрабруваат граѓаните никогаш да не премолчуваат информации за мачење на животни и секогаш да пријавуваат до надлежните органи.

Според Законот за заштита на природата во Македонија секое животно е под заштита на државата.

Зоран Вујиќ од Инспекторатот за шумарство и ловство за ММС изјави дека случаите со злоставување на диви животни досега биле регулирани прекршочно. Тие успеале да издејствуваат промена на членот 228 од Кривичниот законик кој сега гласи:

 

„(1) Тој што неовластено лови, превезува, пренесува, прикрива, чува, одгледува,

купува, продава, или на кој било начин прибавува, отуѓува или препарира диви

животни и птици во поголеми количини или од поголема вредност,

ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член организира мрежа за

извршување на делото или ако делото е сторено во состав на група или друго

здружение или заради извезување на дивите животни или птици во странство,

ќе се казни со затвор од една до пет години.“

– Ова го направивме за да направиме разлика помеѓу вредноста на еден рис кој е редок и заштитен вид на животно со другите помали диви животни. На пример, ако убиеш една змија шарка, нема да одговараш кривично, но ако организирано ловиш и убиеш десет, тоа значи дека го вадиш отровот и го продаваш на црниот пазар, а за тоа се одговара кривично – вели инспекторот Вујиќ.

И тој што лови дивеч за време на ловостој ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, а тој што неовластено лови во забрането ловиште, убие, рани или фати жив дивеч, ќе се казни со парична казна или затвор до три години.

Ловењето на редок или проретчен дивеч чиј лов е забранет како што е македонскиот рис, ќе се казни со затвор од една до пет години.

– Ловџиите мора да го почитуваат Законот за ловство и кривичниот законик. Но, треба да се направи разлика помеѓу спортски лов и измачување на животно. На пример, ако ловџијата само ја ранил дивата свиња и потоа дозволил кучињата да ја растргнат, може да биде гонет за мачење на животно и да одговара прекршочно или кривично – додаде Вујиќ.

Српскиот Кривичен законик исто така предвидува дека оној кој ќе убие, повреди, мачи или на друг начин злоставува животно, ќе се казни парично или со затворска казна до една година, но судската пракса кај нашиот северен сосед е различна, односно таму се изрекувани казни и за убивање на пеперутки, полжави и жаби.

Во Србија, казните за убивање на змии се движат од 20.000 денари до 50.000 денари зависно од тоа кој вид е и за кој степен на заштита се работи.

Нивните казни за ретки диви животни како што е црниот орел и сивиот сокол се движат до 4.000 евра, а за убиство на волк и рис може да се добие казна од 2.500 евра.

 

Орце Костов