Добрила Кацарска избрана за претседателка на Уставниот суд: Мандатот ќе и’ започне следната среда – ММС
ММС

Објавено на: 05/26/21 11:57 AM

Добрила Кацарска избрана за претседателка на Уставниот суд: Мандатот ќе и’ започне следната среда

Судијката Добрила Кацарска е избрана за нова претседателка на Уставнот суд. Таа на денешниот работен состанок добила шест гласа „за” од вкупно девет уставни судии, со што е постигнато потребното двотретинско мнозинство за избор на претседател на Уставниот суд, пренесе новинската агенција МИА.

Мандатот на новоизбраната претседателка на Уставниот суд, ќе започне од 2 јуни 2021 година.

Кацарска на претседателското место во Уставниот суд ќе го наследи судијата Сали Мурати кој ја извршуваше таа должност од 30 октомври 2019 година.

Добрила Кацарска е родена во 1957 година во Ресен. Диполомирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св Кирил и Методиј” Скопје во 1982 година, а правосудниот испит го положила во февруари 1984 година.

Од 1982 до 1984 година работела како приправник во Општински суд Скопје 1 Скопје, од 1984 до 1986 година како стручен соработник во Основен суд Скопје 1 Скопје, а од 1986 до 2005 година била судија во Основен суд Скопје 1 Скопје во Граѓански оддел-Парница.

Од 2005 до 2009 година била Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, а од 15.02.2009 година до 13.07.2009 година ВД Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје. Од 13.07.2009 година била распоредена во Кривичен Оддел – кривично полнолетни до 09.01.2018 година кога била распоредена во Одделението надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција.

Две години била одговорен судија во парничниот отсек; два мандати член на Управен одбор на Здружение на судии, при што еден мандат и Заменик претседател; од 2007 година била член на Дисциплинскиот совет на Нотарска комора, а од 2008 година била Заменик на претседателот на Дисциплинскиот совет на Нотарската комора; од септември 2008 година до месец јули 2009 година била Претседател на Советот за судска служба.

Била член во работните групи за изготвување на неколку закони и тоа: Измени на Законот за адвокатурата, Законот за судската служба, Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, Законот за измени и дополнувања на Законот за општата управна постапка. Исто така, била еден од авторите на Прирачникот-Водич за новоизбрани претседатели и секретари на судовите.

За судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија е избрана на 26 ноември 2020 година.