Новинарите на ИРЛ добитници на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија – ММС
ММС

Објавено на: 05/25/21 2:09 PM

Новинарите на ИРЛ добитници на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија

Новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја добија наградата „Никола Младенов„ за 2020 за најдобра истражувачка сторија за серијалот стории на тема „Пандемско профитерство – другата страна на приказната“.

„Серијалот обработува исклучително важна тема поврзана со најголемиот здравствен проблем во светот. Тој ја потврдува моќта што новинарството ја има да открие информации од витално значење за граѓаните. Истражувањето е темелно, сеопфатно при што се употребени мноштво релевантни факти и докази и изјави од релевантни соговорници. Сториите укажуваат на потребата од институционално решавање на овој проблем што е крајна цела на новинарските истражувања“, истакна Весна Коловска, уредник во Канал77 и Македонски Медиа Сервис која беше дел од годинашната жири комисија на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска истакна дека во повеќе земји имало истраги за увозот на маски и на средства за заштита од Ковид-19, но за жал во Македонија немаше ниту една истрага и покрај овие приказни.

– Тогаш работевме под огромни притисоци од вмешаните во овој случај на профитерство, а денеска за жал работиме со уште поголеми притисоци со одредена група на луѓе кои неколку години ги корумпираат медиумите и прават се за да не замолчат. Но, овие награди кои ги добиваме пред вас драги колеги новинари се од огромно значење и мотив да продолжиме со поголеми истраги и понатаму – истакна Цветковска.

МИМ за првпат воведе награда за најдобар иновативен новинарски производ која му припадна на новинарот Александар Манасиев за мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“ што ја обработува темата за влијанието на термоцентралите врз животната средина, објавена на интернет платформата „Види вака“.

– Сакам да му се заблагодарам на МИМ, пред се, затоа што ја препозна важноста од иновацијата во новинарството и што воведе ваква категорија. Иновацијата треб да биде во срцето на сите редакции затоа што се промени начинот на истражувањето и публиката се промени. Мило ми е што во последните четири години бев дел од тимот на Види Вака кој не се плашеше да иновира. Голема благодарност до сите кои беа дел од работењето на приказната – рече Александар Манасиев.

Наградата за најдобра репортерска фотографија и е доделена на фоторепортерката Арбнора Мехмети за фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин во време на полициски час“ објавена во „Слободен печат“.

Во комисијата за доделување на наградите покрај Весна Коловска од Канал77 беа и комуникологот Сеад Џигал, кинематографот Фејми Даут, директорката на МИМ, Билјана Петковска и Верица Јорданова, претседател на Управниот одбор на МИМ.

Наградите се доделуваат традиционално по дваесетти пат, како дел од заложбите на МИМ за  унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар, покојниот Никола Младенов.

Текст и фото: Орце Костов