Засадување дрворед на патеката до плажата „Парк” – предлагаат од „Чист Охрид” – ММС
ММС

Објавено на: 05/24/21 10:55 AM

Засадување дрворед на патеката до плажата „Парк” – предлагаат од „Чист Охрид”

Неформалната еколошка организација „Чист Охрид” доставува јавен предлог до надлежните за засадување дрворед долж пешачко-рекреативната патека по каналот Студенчишта, односно, од ресторанот „Мадера” па сѐ до плажата „Парк”.

Во моментов, прашањето со зеленилото е решено на начин што на тој потег се засадени дрвја на средината од патеката, но, тоа не е доволно. Па оттука, доставуваме предлог до надлежните за зголемување на дрвната маса во посочениот дел. Во време кога се соочуваме со масовни предизвици поради климатските промени, но и сѐ поголемото уништување на зеленилото и урбанизацијата, потребно е да се насочиме и фокусираме кон поодржлива иднина. Ова е само еден базичен дел од целокупниот процес – наведуваат од организацијата во денешното соопштение.

Истовремено, со засадување на дрворед, граѓаните за време на летниот период би можеле максимално да уживаат во овој дел на градот – додаваат кусо од „Чист Охрид“.