Европското фудбалско првенство Евро 2020 кое лани беше одложено поради пандемијата, за првпат во својата 60-годишна историја ќе се одржи во 11 земји.
Лондон, Санкт Петерсбург, Баку, Минхен, Рим, Амстердам, Будимпешта, Букурешт, Копенхаген, Глазгов и Севилја ќе бидат домаќини на натпреварите, а финалето е закажано на 11 јули на легендарниот Вембли во Лондон.
Двете најдобри репрезентации од секоја од шесте групи и четири најдобро третопласирани селекции ќе обезбедат место во осминафиналето.
За фудбалските фанови Евро 2020 е како Светско првенство, но само за европските репрезентации затоа што сите ќе имаме можност да уживаме во 51 натпревар во текот на цел месец почнувајќи од 11 јуни, а во нашиот фокус ќе бидат мечевите на Македонија, прво во Букурешт, против Австрија на 13 јуни и против Украина на 17 јуни и потоа со Холандија во Амстердам на 21 јуни.
Сите натпревари од Евро2020 ќе ги пренесува Македонската радио телевизија, па во игрите на Македонија и на останатите великани како Италија, Шпанија, Франција, ќе може да се ужува во секое делче од нашата земја.
Оние најсреќните ќе имаат можност и да присуствуваат на вкупно 51 натпревар ширум Европа, ако се дофатат до малиот број на влезници од УЕФА кои веќе се пуштени во продажба. Тие чинат 30 евра за првите два меча на Македонија во Букурешт, односно 50 евра за третиот дуел со Холандија во Амстердам.
Градовите домаќини дозволија присуство на гледачи, но во ограничен број кој зависи од моменталната епидемиолошка состојба во секоја од земјите.
Нашата репрезентација ќе дебитира на Националната арена во Букурешт пред 13.000 гледачи или една третина од капацитетот кој го дозволија романските здравствени власти. Оваа арена е позната по двата концерта на Мајкл Џексон, додека Јохан Кројф Арената во Амстердам е првиот стадион во Европа изграден со кров кој се затвора.
Финалето во Лондон треба да се одигра пред 45.000 гледачи или половина од капацитетот на Вембли кој во нормални услови сигурно ќе го урнеше рекордот по посетеност на Европските првенства кој го држи финалето во 1964 година на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид кога победата на Шпанија над Советскиот сојуз ја следеле 79.115 гледачи.
УЕФА ги најави седумте најголеми и најважни натпревари на шампионатот кои треба да ги донесат најголемите возбудувања за навивачите, а еден од нив е и дебитантскиот меч на Македонија против Австрија закажан за 13 јуни во 18 часот.
„Македонија загуби двапати од Австрија во квалификациите за ЕП. Токму со победата од 2-1 во Виена, Австријците со головите на Давид Алаба и Стефан Лејнер се пласираа на ЕП. Но, ситуацијата е сменета. Македонија го има мотивираниот Горан Пандев кој го постигна победничкиот гол со Грузија. Има ли 37-годишната легенда уште некоја цел за исполнување?“, стои во најавата на УЕФА.
Победник на првото Европско првенство бил Советскиот сојуз кој ја победил Југославија со 2:1 во Париз после продолженијата. На последното финале во 2016 година, исто така во Париз, Португалија предводена од Кристијано Роналдо ја победи Франција со 1:0 после продолженијата.
Германија и Шпанија со по три титули се најуспешните земји на Европските првенства. Германците одиграле шест финалиња, Шпанија и Советскиот сојуз по четири, а Франција и Италија по три пати имале шанса да се борат за златото.
Орце Костов
фото: UEFA