Денеска е Националниот ден на Власите, политичарите со честитки – ММС
ММС

Објавено на: 05/23/21 4:48 PM

Денеска е Националниот ден на Власите, политичарите со честитки

Власите во земјава денеска, 23. мај,  го одбележуваат својот национален празник кој со одлука на Лигата на Власите и другите влашки граѓански здруженија во 1991 година е прогласен за Национален ден на Власите од целиот свет.

По овој повод честитки денеска упатија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

 

– Почитувани сограѓани, дозволете да ви го честитам 23 Mај, Националниот ден на Власите и да ви посакам празникот да го поминете, пред сè, во добро здравје, исполнет со радост и со среќа. Токму на овој ден, пред 116 години, Власите за првпат во тогашното Отоманско Царство беа признати како народ и добија можност за образование и за богослужба на својот мајчин јазик. Негувањето на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет е континуиран процес кој никогаш не завршува. Се гордееме што карактеристиките, традицијата и обичаите на Власите се длабоко вткаени во нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Република Северна Македонија и понатаму ревносно, како и за сите етнички заедници, ќе ја афирмира и промовира влашката историја и култура, пишува во соопштението испратено од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев пак, денеска гостуваше кај влашката редакција на Националниот сервис. Тој изрази задоволство за гостувањето и порача дека нашата земја е многу богата токму поради различностите, културите, различните јазици и тоа треба постојано да се негува и надоградува.

– Го честитам Националниот ден на Власите, заедно да го славиме и да му се радуваме сите. Сакам да испратам порака, пред сѐ до младите Власи, да се борат за својата заедница, да бараат место под просторот на ова наше заедничко сонце, да бидат сѐ повидливи затоа што еве како реагира еден Македонец, ја слушам убавината на јазикот, на традицијата на сѐ што имаме. Посакувам да бидат поголеми борци од нивните родители, за сочувување на ова богатство што го имаме, на сите им посакувам здравје, благосостојба семејна хармонија, да имаат сериозни економски перспективи, поголем економски стандард да бидат уште повеќе дел од институциите на системот во кој вградуваме, порача премиерот Зоран Заев во интервју за влашката редакција на Националниот сервис, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.

Џафери во својата честитка на Власите им порача дека се надева оти ќе успеат да ја сочуваат и понатаму да ја промовираат посебноста на влашката заедница што е во прилог на збогатувањето на општествениот живот во нашата земја.

– Дозволете од лично име и од име на моите колеги пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, да Ви го честитам 23-ти Мај, Националниот ден на Власите. Драги сограѓани, нека овој ден биде уште еден повод да ја изразам мојата почит и благодарност за придонесот кој како заедница го давате во нашето заедничко општество, како низ историјата така и во сегашноста а убеден сум и во иднина. Република Северна Македонија ја градиме заеднички, справувајќи се со сите предизвици заедно, радувајќи се на сите успеси исто така заедно, затоа што само така е природно, сплотени да креираме еднакво општество кое ќе понуди еднакви можности за убав и квалитетен живот на сите граѓани и на идните поколенија, истакна Џафери во честитката.

Покрај нив, честитки упатија и Артан Груби како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.