Британски и американски експерти учествуват во подготовка на сеопфатна информативна кампања за референдумот што ќе ја спроведува Владата, а преку која јавноста ќе биде запознаена со придобивките од членството во ЕУ и во НАТО, кои следуваат со прифаќање на Договорот со Грција. Активности ќе имаат и пратениците, односно Собранието, но се’ ќе биде координирано од тимот во Владата составен од странските експерти и вработените во секторот за информирање. Од Владата засега не откриваат детали околу кампањата. Според неофицијалните информации, тоа се должи на факторот што обемот и интензитетот на кампањата ќе зависат и од ставот што ќе го заземе ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе повика на бојкот на референдум или не.
Според неофицијалните информации, меѓу британските стручњаци за пропаганда кои се вклучени во подготовка на кампањата е и близок соработник на британската премиерка Тереза Меј. Пораките до граѓаните ќе се испраќаат преку најразлични канали, телевизија, билборди, социјални мрежи. Министрите исто така ќе имаат задача да ги интензивираат настаните на кои ќе зборуваат за придобивките од членството во ЕУ и НАТО. Преку најразлични активности во секојдневна комуникација со граѓаните ќе бидат вклучени и пратениците, кои како носители на иницијативата за распишување на референдум ќе објаснуваат зошто патот до ЕУ и НАТО единствено води преку прифаќање на Договорот со Грција. Во рамките на кампањата се планираат и музички хепенинзи. Од министерствата велат дека очекуваат неделава да добијат подетални информации околу тоа како тие ќе бидат вклучени во кампањата за референдумот.
Од Владата велат дека согласно Законот за референдум се уште ги дефинираат начините преку кои ќе се реализира кампањата од јавен интерес за информирање за прашањето кое го третира референдумот.
„Владата продолжува со секојдневното информирање на граѓаните за содржината на Договорот и за политиките поврзани со стратешките определби на Република Македонија. Активностите поврзани со кампањата за референдумот ќе се интензивираат преку различни канали веднаш по завршување на екот на годишните одмори. Кампањата ќе биде всушност сеопфатна информативна комуникација со граѓаните“, се вели во одговорот од Владата.
Според партиски извори, како ќе тече кампањата, зависи и од тоа каков став ќе заземе опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со референдумот, односно дали ќе ги повика своите членови да го бојкотираат или да излезат на гласање, па и тајноста на подготовката на кампањата делумно се должи и на тоа што опозициската партија не го кажува својот став, туку се уште тактизира. Но, како и да е, многу време за губење нема и веќе наредната недела по враќањето на премиерот Зоран Заев од годишен одмор, се очекува да почнат активностите, кои ќе се интензивираат во септември.
Од ДУИ ја демантираат информацијата што се појави на одредени портали дека во претсрет на референдумот е планиран и концерт на популарната пејачка со потекло од Косово, Дуа Липа, чиј концерт ќе го плати албанската дијапора, а интегративците ќе бидат домаќини.
Во кампањата, како што веќе е познато, ќе учествуваат и високи претставници на земјите членки за ЕУ и НАТО. Веќе е потврдено дека во периодот на кампањата во земјава ќе дојде австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, а се уште непотврдени се шпекулациите за доаѓањето на Тереза Меј и Анѓела Меркел.
Како што неофицијално дознаваме, своја кампања за рефереднумот ќе има и Делегацијата на Евроската Унија во Скопје под наслов „30 дена за ЕУ“, која ќе се спроведе во семтемрви. Кампања за поддршка на референдумот подготвува и невладиниот сектор.
Извор: Слободен печат