(ВИДЕО) Левандовски го собори рекордот на Милер, со 41 погодок стана најдобриот стрелец во историјата на Бундесот – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/21 6:04 PM

(ВИДЕО) Левандовски го собори рекордот на Милер, со 41 погодок стана најдобриот стрелец во историјата на Бундесот

Конечно, се случи и тоа. Во последните минути од натпреварот без посебен императив за тимот кој ја одбрани титулата во Германија, напаѓачот на Баварците, Роберт Левандовски, го собори рекордот од 1972 година на Герд Милер за највеќе постигнати голови во една сезона во Бундеслигата.

Најдобриот играч во германската број еден дивизија, во кампањата 2020/21 за Баерн Минхен постигна неверојатни 41 погодоци. Минатото коло полскиот репрезентативец против Фрајбург го изедначи салдото на легендарниот Герд Милер и кога сите мислеа дека иконите на Баерн ферски ќе го поделат тоа признание – се појави Левандовски во 90-тата минута со Аугсбург и влезе во аналите на Бундесот.

 

За да биде рекордот уште поубедлив, Левандовски овој учинок го оствари во 29 одиграни натпревари. Според „Squawka“, во одиграните 29 меча екс-играчот на Борусија Дортмунд упатил 137 удари, од нив 68 завршиле во рамките на голот, а дури 41 завршиле во мрежата на противничките голмани.

Баерн освен што го прослави индивидуалното достигнување на Левандовски, на „Алијанц Арената“ денес се опрости од двајцата свои фудбалери кои ќе ја променат средината летово, Хави Мартинез и Давид Алаба.

Последното коло во Бундеслигата ги отстрани сите дилеми за следната 2021/22 сезона. Баерн Минхен е недопирлив на врвот, Лајпциг, Борусија Дортмунд и Волфсбург ќе играат во Лигата на шампионите, Ајнтрахт Франкфурт и Баер Леверкузен во Европа Лига, додека пак новајлијата Унион Берлин ќе има излез во Европа преку новото натпреварување на УЕФА, Конференциска лига.

Шалке 04 и Вердер Бремен се преселуваат во Цвајте, Келн ќе мора преку баражот да го зачува прволигашкиот статус и идната година.

 

 

д.ј

Фото:

Twitter / @Squawka