Потпишан договор за концесија со Преспанското Езеро – ММС
ММС

Објавено на: 05/22/21 2:11 PM

Потпишан договор за концесија со Преспанското Езеро

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во Претор потпиша договор за управување со водите на Преспанското Езеро со концесионерот, „Преспа фиш” компанија основана од 22-ца риболовци од регионот. Договорот го потпишаа ресорниот министер Ајранит Хоџа и управителот на „Преспа фиш” Самедин Ајрулаи, во присуство на градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски.

Компанијата „Преспа фиш село Асамати Ресен” според Хоџа, била избрана како најповолен понудувач на Јавниот повик за доделување концесија, за вршење стопански риболов на риболовнотоподрачје   Преспанско   Езеро,   како и за организирање рекреативен риболов, нарекретативната зона Преспанско Езеро.

– Со ова започнува  шест годишен период на користење на рибите од оваа риболовна вода од страна на концесионерот. Со доделувањето  на   концесијата пред се  ќе  се   овозможи  заштита  на рибниот фонд во риболовната вода, како и негово економско користење на одржлив начин, истакна Хоџа.

Концесионерот, појасни, има обврска да организира  рибочуварска  служба,   преку   лиценцирани  рибочувари и да се грижи за рекреативниот риболиов, како и за обновување на рибниот фонд преку редовно порибување на риболовната вода.

– Наша обврска е да се грижиме за езерото, да ја зачуваме неговата флора и фауна преку одржливо управување со водите од езерото, рече министерот.

Денешниот ден за концесионерот, е посебен за рибарите, бидејќи, како што нагласи Ајрулаи, Преспанското Езеро прв пат им се враќа на рибарите.

Најмногу од сите ние ја знаеме вредноста, значењето, но и одговорноста на рибарството и за езерото, изјави Ајрулаи.

Градоначалникот Гошаревски изрази задоволство што со Езерото ќе управува некој, кој добро го познава Еезерото и ќе се грижи за него.

– Посебно ми е драго што во текот на постапката беа земени предвид забелешките на Општина Ресен во однос на заштитените подрачја, регулирани меѓу концесионерот и Општината. Преспанското Езеро за нас беше и останува голем приоритет, рече Гошаревски.

Концесијата за управување со Преспанското Езеро на стариот концесионер заврши во септември 2020 година. Земјава има потпишан меморандум за заедничко управување со рибниот фонд со езерата што граничат со Албанија, а МЗШВ испратило дописи за заедничко управување и со Грција.

MИА