Денес се навршува една година откако почина жената херој Емилија Динева од Дојран, но нејзиното срце продолжи да чука во градите на Иван Огњановски од Скопје. Денес е ден за солзи од загубата на семејството Диневи, но е среќа за семејствотото Огњановски.
Солзите на Диневи не престанаа 365 дена, особено денес кога утрово го посетија нејзиниот вечен дом. ММС го посети вечното почивалиште на жената херој, кое цела година малку по малку семејството го средува.
-Тато и брат ми скоео секој ден одеа, бетонираа, правеа жардињери а јас цвекињата ги садев. Гробиштата се блиску, скоро секој ден одам да ги полевам. Одам си зборувам со неа, ќе и ги кажам маките, ќе се изнаплачам. И вчера, кога се подготвував за госишнина од смртта на мајка ми, кога им кажував на роднините, кога ги викав родините, се си мислев дека се подготвувам за нешто убаво, а не за на гробишта. На овој ден пред четири јас се венчав, свадба имавме, се радувавме и пеевме, а сега плачеме. Многу ми е тешко, се си мислам дека ќе се врати. Беше вредна жена, во се сакаше да биде прва и гости да пречека, да испрати. Во се да биде прва. И еве сега, пак, е прва, цела Македонија ја запозна, вели нејзината ќерка Викротија.
На поменот денес имаше роднини и соседите на Диневи, кои беа тука и цела година со зборови за утеха иако, како што вели Викторија, утеха нема.
-Секогаш кога влегувам дома кај татко ми и брат ми, се си мислам дека мајка ми ќе ме пречека, ќе ми каже нешто, ќе и го чујам гласот, ќе се разбудам од сон. Ама не, кошмарниот сон трае и ќе трае, додава таа.
Пред извесно време уште еден млад живот згасна, животот на Верче, чии органи исто така спасија други животи.
-Кога се случи несреќата со Верче, кога објавија дека и нејзините органи се донирани, јас се изнаплакав. Знаев низ што поминува нејзиното семејство, исто како и ние. Кога ние решивме да ги донираме органите на мама јас не знаев, не бев смесва дека тоа толку многу ќе биде пригатено во од сите и дека мама ќе стане херој. Мене ми беше важно дека ете кога веќе неа ќе ја нема да помогнеме на друг. Велат човек два пати умира, еднаш кога ќе порестане да чука срцето, друг пат кога сите ќе го заборават. Но, ете драго ми е што мајка ми никогаш нема да биде заборавена. Беше предобра и затоа се си мислам дека Господ само добрите покрај него ги сака, ни рече Викторија низ солзи.
Маката на Диневи почна неколку дена пред овој датум минатата година, кога Емилија во несреќен случај, возејќи мотор падна и се здоби со тешки телесни повреди. На овој ден семејството Диневи беше повикано во Министерство за здравство, за да ги прашаат дали се сложуваат срцето на нивниот семеен столб да чука во друг. Откако семејството се сложи, на 23 мај беше направена првата трансплантација на срце во Македонија, а Емилија Динева стана синоним за жена-херој.
ММС на Денот на жената „8 Март“ го посети семејството на оваа жена-херој, а и тогаш го посети нејзиниот вечен дом. Семејството за ММС тогаш раскажа како се чувствуваат и како живеат.
-Многу е тешко без неа. Јас бев уништена, да немав дете мислам дека нешто ќе си направев.Јас ја сонувам мајка ми често, таква весела каква што беше. На сон ми се јави од болница од Скопје. Кога ја прашав- мамо кога ќе си дојдеш, таа ми рече: „ Ќе си дојдам , направи нешто за ручек, кога ќе дојдам сите заедно да јадеме“. И јас во сонот и велам- „Мамо, мене овде сите ми велат дека ти си умрела. Како може да си умрена, кога еве ние си зборуваме“. И таа ми рече: „Јас не сум умрена, јас сум жива, не им верувај што ти кажуваат!“ . Често ја сонувам и кога ја сонувам не сакам да се разбудам. Не можам да се помирам дека ја нема, ни рече тогаш гушејќи се во солзи ќерка и Викторија.
-Кога ја видов, за последен пат таа дишеше и срцето и чукаше. Јас прво не сакав да донираме органи, бидејки мислев дека ќе се случи чудо, дека ќе ја исклучиме од апарати и дека ќе живее. Но, ни рекоа дека такво нешто е невозможно. Се изнаплакавме надвор и рековме- кога веќе неа ја нема, барем да ги донираме органите. Барем да спасиме нечиј друг живот. Барем ќе бидеме благословени од некој, рече тогаш за ММС Викторија, бришејќи ги солзите.
Семејството на Емилија Динева вели дека нејзиниот гроб го средувале секој ден малку по малку, сакаат да има многу цвеќе, бидејќи таа била голем љубител на цвекињата. Еве како изгледаше само пред неколку месеци:
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски