Израел објави прекин на огнот со Хамас – ММС
ММС

Објавено на: 05/20/21 10:19 PM

Израел објави прекин на огнот со Хамас

Израел најави прекин на огнот во војната против екстремистите од Хамас, која траеше 11 дена. Кабинетот на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ја објави одлуката по состанокот на потесниот состав на владата задолжен за безбедноста. Либанскиот весник Ал Акбар, повикувајќи се на извори на Хамас, објави дека палестинската организација се согласи на прекин на огнот со Израел, кој треба да започне во петок. Ројтерс и Би-Би-Си јавуваат дека е договорено примирје.

Во соопштението се вели дека израелскиот безбедносен кабинет го одобрил предлогот на Египет, но двете страни сè уште преговараат кога ќе стапи на сила примирјето. Неколку извештаи наведуваат дека ова ќе се случи во два часот по локално време (еден по средноевропско време), односно само три часа по одлуката на кабинетот.

„Политичките лидери истакнаа дека реалноста на теренот ќе ја одреди иднината на кампањата“, се вели во соопштението. Одлуката е донесена по силниот притисок на Соединетите држави да ја прекинат офанзивата.

Од почетокот на конфликтот на 10 мај, израелската армија изврши стотици воздушни напади насочени кон инфраструктурата на Хамас, вклучително и мрежа на тунели, како што тврди. Хамас и другите екстремистички организации истрелаа повеќе од 4.000 ракети кон израелските градови, но стотици паднаа на палестинска територија и повеќето беа пресретнати.

Најмалку 230 Палестинци беа убиени, од кои 65 деца, 39 жени, а повеќе од 1.700 беа повредени. Во Израел беа убиени 12 лица, од кои две деца и еден војник.

Високи претставници на одбраната, вклучително и началникот на армијата и советник за национална безбедност, препорачаа прифаќање на предлогот по „големите достигнувања“ во операцијата, се вели во соопштението.

Еден официјален претставник на Хамас изјави дека најавата за примирје е пораз за Нетанјаху и победа за народот Палетина. Али Баракех, член на бирото на Хамас за арапски и исламски односи, за Асошиејтед прес изјави дека екстремистите ќе останат будни додека не ги слушнат вестите од медијаторите, а потоа раководството ќе разговара и ќе се изјасни.

Набргу по објавувањето на примирјето, во ракетниот аларм се огласија сирени во јужен Израел.

Извор: rs.n1info.com