Откако официјална Софија ги осуди неговите изјави за бугарската политика кон европската интеграција на земјата, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Северна Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но се прејде во навика таа земја „да се шутира“ кога и да му одговара тоа некому.
Хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац вчера е повикана на разговор во бугарското МНР поради изјавата на претседателот Милановиќ во која ја критикуваше „бугарската политика кон европската интеграција на Северна Македонија“.
-Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија доста висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа се повеќенационални заедници во кои има многу Албанци и таа соработка е за пример, рече денеска Милановиќ во одговор на новинарско прашање.
Потсети дека земјава, меѓудругото, го промени името на барање на Грција. – Конечно ги примија во друштвото на мртвите поети и сега доаѓа оној услов кој навистина е влегување во интимниот простор, рече Милановиќ, додавајќи дека земјава е жртва на недостиг на интерес и основна емпатија.
-Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија, рече Милановиќ.
МИА