Aнгеловски го објави списокот на фудбалери за Европското првенство – ММС
ММС

Објавено на: 05/20/21 10:31 AM

Aнгеловски го објави списокот на фудбалери за Европското првенство

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, го објави списокот на фудбалери за претстојното Европско првенство кое ќе започне на 11 јуни и ќе трае до 11 јули.

Популарниот Мрме со себе ќе поведе веќе познати и докажани имиња кои всушност и го направија историскиот пласман на големиот турнир, совладувајќи ја Грузија во Тбилиси во ноември минатата година.

Фудбалерот на германски Штутгарт и еден од поталентираните наши играчи, Дарко Чурлинов, сепак ќе патува со 25-те соиграчи во Букурешт и Амстердам, иако во медиумите последните денови се појавија гласини дека Ангеловски нема да го селектира и ќе ја игнорира неговата добра форма во Германија.

Второто изненадување во составот е фудбалерот на Спартак Трнава, Милан Ристовски. Дваесет и тригодишниот напаѓач, за словачкиот тим сезонава има забележано пет погодоци во 15 натпревари, а неговата мобилност во навалната линија би можела да биде од помош за Македонија во дуелите со Австрија, Украина и Холандија. Ристовски ќе претставува директна замена за повредениот напаѓач на Удинезе, Илија Несторовски.

На голот, Македонија ќе оди со проверена варијанта: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано), Дамјан Шишковски (Докса), Ристе Јанков (Работнички).

Одбраната ќе ја сочинуваат: Стефан Ристовски (Динамо Загреб), Дарко Велковски (Ријека), Висар Муслиу (МОЛ Фехервар), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт), Ѓоко Зајков (Шарлоа), Езџан Алиоски (Лидс Јунајтед).

Во средниот ред ќе играме со следните играчи: Аријан Адеми (Динамо Загреб), Енис Барди (Леванте), Стефан Спировски (АЕК Ларнака), Бобан Николов (Лече), Тихомир Костадинов (Ружомберок), Ферхан Хасани (Партизани), Ељиф Елмас (Наполи), Даниел Аврамовски (Кајсериспор), Дарко Чурлинов (Штутгарт), Марјан Радески (Академија Пандев).

Горан Пандев (Џенова) ќе го предводи нападот на македонската селекција, заедно со Александар Трајковски (Мајорка), Иван Тричковски (АЕК Ларнака), Влатко Стојановски (Шамбли), Крсте Велковски (Сарајево), Милан Ристовски (Спартак Трнава).

Репрезентативците од 26-ти мај ќе го стартуваат тренинг кампот во пресрет на Европското, а по подготвителните натпревари со Словенија и Казахстан, на осми јуни ќе е се упатат кон романската престолнина.

Да се потсетиме, Македонија на Еуро започнува против Австрија на 13-ти јуни, четири дена подоцна ќе се соочи со Украина, додека пак на 21-ви јуни патува за Амстердам за двобој со фаворизираните Холанѓани.

 

д.ј