Шпанија депортира во Мароко 4.800 од 8.000 мигранти кои преминаа во Сеута, шпанската енклава во северна Африка, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мароканците ја искористија послабата гранична контрола во својата држава за да допливаат до европската територија, што предизвика хуманитарна криза во Шпанија.
Мигрантите во понеделникот започнаа масовно да пристигнуваат во Сеута, а доаѓањето продолжи и во вторникот, иако во помал број, поради засилената контрола на шпанската страна на границата, каде што беа распоредени полицијата и војската.
Доцна во вторникот, по билатералните средби на високо ниво, мароканските сили започнаа да ја контролираат границата и да ги запираат групите мигранти.
Војската и полицијата на Шпанија се мобилизирани да ја контролираат ситуацијата.
Шпанската енклава со 85.000 жители се наоѓа на северниот врв на Мароко преку патот на Гибралтар.
Министерот за внатрешни работи на Шпанија, Фернандо Гранде Марласка, претходно изјави дека властите вратиле 1.600 мигранти до вторникот изутрина, а дека останатите ќе бидат вратени наскоро, бидејќи Мароко и Шпанија пред три децении потпишаа договор за враќање на сите кои нелегално преку морето ќе дојдат на шпанската територија.
Многу африкански мигранти ги сметаат Сеута и блиската Мелиља исто така за шпанска територија за влез во Европа. Минатата 2020 година 2.228 мигранти се одлучија да преминат во две енклави преку море или копно, често ризикувајќи ги животите.