Владата е решена да пронајде кој е одговорен за увозот на токсични материи опасни по здравјето и затоа им дала рок од две недели на задолжените институции да ги проверат сомневањата во врска со информацијата на ИРЛ дека во одреден период од земјата биле увезувани токсични нафтени деривати.
– Апсолутно ќе има одговорност и затоа и се задолжение сите овие институции, во рок од две недели да достават извештај по што ќе се постапува. Државата во повеќе наврати укажува дека нема да прави компромиси со здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина, рече владиниот портпарол Душко Арсовски.
Владиниот портпарол додаде дека се постапувало и досега согласно податоците кои ги имале од Царинската управа како надлежна за спроведување на увозна постапка и наплата на давачки.
– Во врска со работењето на фирмата, која беше посочена во ова новинарско истражување во периодот од 2018 до 2020 година Царинската управа земала мостра за анализа при увоз на царинење во 84 увозни постапки. По години во 2018 – 34, во 2019 – 37, во 2020 – 13 мостри. Во ниту еден од доставените примероци не е пронајдено поголемо количество сулфур од дозволеното. Секторот за истраги на Царинската управа извршува контрола на работата на фирмата со која е опфатено целокупното нејзино работење во периодот од овие три години, рече Арсовски.
Тој додаде дека по најавени сомневања за неправилности од други закони, кои се надвор од надлежноста на Царинска управа информиран е Државниот пазарен инспекторат за да преземе обврски во делот на својата надлежност. Пазарниот инспекторат извршил надзор за увезени пратки на ова фирма на 7 февруари 2019 година, при што земал мостра од нафтен дериват – мазут, а по извршената анализа од овластена лабораторија бил добиен резултат дека тој е во рамки на граничната вредности, согласно Правилникот за квалитет на течните горива .
Царинската управа е задолжена да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.
Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати треба да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.
Министерството за економија, пак, треба да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.
МИА