Вирусот не дискриминира, дискриминираат луѓето и креаторите на политики: „Кој е патот до поправедно општество“ – дебата по повод 30 години постоење на Фондациите Отворено општество на Балканот – ММС
ММС

Објавено на: 05/19/21 9:09 AM

Вирусот не дискриминира, дискриминираат луѓето и креаторите на политики: „Кој е патот до поправедно општество“ – дебата по повод 30 години постоење на Фондациите Отворено општество на Балканот

Пандемијата го намали интензитетот на волонтерските активности, но ни покажа дека можеме да бидеме флексибилни на нашите работни мести и ја извади на површина важноста од медиумската писменост, сега кога особено се шират дезинформации и лажни вести. Ова се клучните пораки од дебатата темата „Пост ковид реалност? Кој е патот до поправедно општество?“. Настанот го организираше Фондацијата Отворено општество- Македонија по повод триесетгодишнината од постоењето и работата на фондациите на Балканот.

„Уличниот активизам, волонтерството се многу помалку присутни. Десет отсто од младите кои волонтирале претходно, сега со пандемијата не волонтираа. Гласот на младите мора да биде чуен, а демократските вредности сочувани“, порача Дона Костуранова, програмска програмска менаџерка од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Осврнувајќи се на влијанието на пандемијата со ковид-19 врз младите, таа истакна дека за нив ова е тежок момент.

„Без оглед дали зборуваме за ЛГБТИ млади, млади кои немаат пристап до образованието, потоа тука се младите жени кои се дополнително изложени на семејно насилство… за сите нив ова е тежок момент. Мислам дека на овие теми со години ќе работиме. Младите се изложени на ментални проблеми кои водат и кон употреба на антидепресиви, но за поздрав е тоа што МЗ има телефонска линија за психолошка поддршка“, додаде Костуранова.

Според Марија Сулејамнова од Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико, не треба да се занемари улогата на бизнис заедницата бидејќи токму таа може да биде двигател за промени.

„Промените кои се случија за време на пандемијата се бројни, живееме со рестрикции, работа од дома, но имаме и прочистен воздух, поголема интеракција со технологијата и обновување на нашата врска со природата. Вирусот не дискриминира, дискриминираме ние луѓето и креаторите на политики. Имаме лица кои се’ уште немаат пристап до вода, имаат проблем со пристап до здравство“, посочи Сулејманова која беше дел од говорниците на дебатата. Според неа, пандемијата покажала дека сите треба да бидат интегрирани во системот и нема да излеземе од неа се’ додека не размислуваме за граѓаните на маргините.

„Видовме колку големо значење имаат работниците, оние кои се хигиеничари, оние кои работат во фабриките и во маркетите. Лидерството со емпатија нуди нови техники за работа“, додаде Сулејамнова.

Таа се осврна и на употребата на социјалните мрежи, каде вели, често има говор на омраза.

„Социјалните мрежи може да ги користиме за да дебатираме и да дојдеме до различни мислења, но образованието не треба да ни дава лоша слика за луѓето. На пример, нашето образование не дава добра слика за Ромите, се кристат застарени термини“, смета Сулејамнова.

Дека образованието е клучно за да имаме медиумски писмени генерации кои нема да шират говор на омраза, а ќе препознаат кога друг го шири, смета и новинарката Елида Зулбеари.

„Употребата на дигиталните алатки може да придонесе во борбата против говорот на омраза, младите треба да се вклучат во борбата против повредата на човеквите права. Светот се потпре на онлајн сферата и тоа ја зголеми можноста да се дуплираат негативните феномени во кои младите се жртви“, истакна Зулбеари на вчерашната дебата забележувајќи дека е потребен поголем ангажман од младите.

„Новинарите може да придонесат да се намали медиумската неписменост, а медиумската писменост е лек за информациите. Во Македонија најлошите дезинформации стигнаа и има начин тука младите да придонесат и секако медиумската писменост која треба да се воведе уште од осноно образование. Младите може да ги учат постарите. Нивните предлози и решенија треба да се интегрираат во јавните политики. Младите се клучен фактор за градење на еден систем на правна држава и мора да бидат поддржани од сите органи“, додаде Зулбеари.

Претседателот на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ, Виктор Митевски во своето обраќање порача дека пандемијата придонела да почнеме да ги занемаруваме локациските разлики.

„Кризата ни ја покажа дека флексибилноста на работните места, физичката разделеност е неважна во овој дигитален и глобален свет“, додаде Митевски. Во однос на медиумите пак, тој рече дека тие се огледало на општеството и за да очекуваме дека ќе ја претстават целокупната слика за општеството, потребно е самото образование да го отсликува мултикултурниот аспект на нашето општество.

Меѓу говорниците беше и епидемилогот Харис Бабачиќ кој прогнозира дека пандемијата оваа година ќе заврши, но ќе треба да се фокусираме на менталните проблеми кај младите, кои се’ почесто се на антидепресиви.

Прашани како гледаат на иднината и како изгледа идеалната верзија од земјава, говорниците порачаа дека се надеваат на еднакви шанси за сите и еднаков пристап до добрата и услугите.

Иделно општество е она кое би функционирало како колектив. Треба да бидеме гласни за себе и за правата на другите. Идеалната иднина е иднина со почит кон работничките права, бидејќи видовме со пандемијата колку се значајни работниците. Идеалната Македонија е земја на млади претприемач, земја конкуренти луѓе кои ќе се натпреваруваат на глобалниот пазар, но од сопствената татковина. Идеалната иднина е иднина во која квалитетот на воздухот и водата се приоритет, во Собранието има квалитетни дебати и нема култура на неказнување, а новинарите се слободни и пишуваат за есенцијални теми – беа коментарите на говорниците.

На самиот настан беше промовиран документарниот филм „30 години ПОСВЕТЕНИ”. На овој начин преку филмската уметност, Фондацијата се осврна на минатиот труд и на позитивните промени направени во изминатите години во земјава.

 

В. Ми