Пад од речиси 50% на новите случаи на Ковид, смртноста намалена за 38,1 проценти – ММС
ММС

Објавено на: 05/19/21 8:38 AM

Пад од речиси 50% на новите случаи на Ковид, смртноста намалена за 38,1 проценти

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 10 до 16 мај, регистрирани сe 674 нови позитивни случаи од 31 град во државата со намалување од 48,3% во однос на минатата недела.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 1,8% до 7,2%, просечно 4,0%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=240, 35,6%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=114; 16,9%), 30-39 (n=114; 16,9%) 40-49 (n=111; 16,5%), и 20-29 (n=56; 8,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=6; 0,9%) и 10-19 години (n=33; 4,9%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.646 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 36,0% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 65 смртни случаи од 15 градови, 38,1% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 56 лица биле над 60 години, 7 лица на возраст од 50-59 години, 1 лице на возраст од 40-49 години и 1 лице на возраст од 30-39 години.

На 17 февруари Македонија започна вакцинацијата против Ковид-19.

Заклучно со 16 мај аплицирани се 28.594 дози на Pfizer/Biontech (19.691 со прва доза и 8.903 со втора доза), 44.890 дози на Sputnik V (22.871 со прва доза и 22.019 со втора доза), 24.995 дози на AstraZeneca и 108.740 дози Sinopharm.

Заклучно со 16.05.2021 вакцинирани се вкупно 207.219 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19. Комплетно се вакцинирани вкупно 31.599 лица.